1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

180110 Chile Pinera Wahl

18 јануари 2010

На претседателските избори во Чиле, конзервативниот милијардер Себастијан Пињера во вториот круг однесе уверлива победа над кандидатот на владеачката лево-центристичка коалиција Едуардо Фреи.

https://p.dw.com/p/LYd2
Себастијан Пињера, новиот претседател на ЧилеФотографија: AP

Првите честитки до новоизбраниот претседател дојдоа од досегашната претседателка на државата, Мишел Башле. Таа посочи дека станува збор за историска победа, со која завршува една ера во историјата на Чиле. Себастијан Пињера, имено, е прв политичар на десницата, кој доаѓа на власт по завршувањето на диктатурата на генерал Пиноче.

Победникот Пињера вчера по изборите уживаше во триумфот пред илјадници приврзаници: „Денеска беше голем ден за Чиле. Денеска јасно и силно мнозинство на Чилеанците со решителност се изјасни за политичка промена, се изјасни за иднина и надеж. Сакам да им кажам на сите сограѓани да ги кренат главите, бидејќи доаѓаат подобри времиња за Чиле.“

Соперникот го призна поразот

Präsidentenwahl Chile Pinera Frei
Победникот Пињера (лево) во прегратка со соперникот ФрејФотографија: AP

Неговиот соперник, Едуардо Фреј, го призна поразот, но исто така потсети на големите успеси на лево-центристичката коалиција „Консертасион“, која ја водеше судбината на Чиле во изминатите две децении: „Од повторното стекнување на демократијата ние бевме протагонисти на така важниот дел од историјата на земјата. Денес во Чиле ситуацијата е многу подобра од онаа во 1990 година, кога ја презедовме власта.“

Граѓаните бараа промена

Наспроти неспорните успеси на коалицијата „Консертасион“ таа денес се смета за потрошена и голем број граѓани на Чиле посакуваа промена. На прославата долго во ноќта и’ се приклучија многумина: „Промената сега дојде, се надеваме на најдоброто за Чиле!“ - „Среќна сум поради промената, мислам дека тоа ќе биде добра влада, на тоа сите се надеваме.“ - „Среќна сум, среќна, навистина, бидејќи толку долго се надевав дека ќе дојде промената и овој пат тоа се случи!“

Граѓаните на Чиле при тоа не очекуваат некоја суштинска промена, бидејќи и победникот Пињера и поразениот Фреј се залагаат за пазарно стопанство, а како најголеми проблеми во земјата ги гледаат образованиот систем и неравномерната распределба на богатството.

Автор: Готфрид Штајн/Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска