1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историјата и личната судбина во „Адам и Евелин“

29 мај 2010

Македонската публика има ретка можност да запознае еден од најинтересните современи писатели во Германија, Инго Шулце. Повод за посетата на Скопје е преводот на неговиот роман „Адам и Евелин“ на македонски јазик.

https://p.dw.com/p/NYgv
Романот „Адам и Евелин“

Пресврт и промени се главните теми во творештвото на познатиот германски писател Инго Шулце. Тие доаѓаат до израз и во романот „Адам и Евелин“, кој деновиве излезе во превод на македонски јазик: „Адам е кројач од провинција во Источна Германија, кој иако критички гледа на ГДР, сепак чувствува слобода оти го прави она што го сака: ги прави жените убави и се вљубува во нив. Тоа доведува до конфликт со Евелин. Двајцата планираат, летото 1989 да го минат во Унгарија. Но, на пат заминува само Евелин, откако ќе открие дека Адам ја изневерува. Адам оди по неа и така тие влетуваат во виорот на историските настани, кои во романот се преплетени низ очите и меѓусебните односи на главните ликови.“

Ingo Schulze
Авторот Инго ШулцеФотографија: Berlin Verlag

Како сведок на современите приказни, Инго Шулце и во својот роман ја тематизира слободата, но и историјата и пресвртот, на кој ликовите реагираат многу различно. „За Евелин е среќа конечно да биде на Западот и да студира она што сака. Адам се соочува со потешкотии оти не може да најде работа и знае дека светот, во кој можеше да го прави она што сака, веќе го нема. Иднината е отворена.“

Митот во современието

Освен антрополошкиот и историскиот аспект, романот го тематизира и религиозниот, митот за „Адам и Ева“ пројециран во модерното време и рефлектиран во ликовите на главните протагонисти „Адам“ и „Евелин“. Автенична паралела, која го привлече вниманието на литературниот преведувач Елизабета Линднер да се зафати со превод на романот. „Оваа автентичност е дотолку поизразена, бидејќи целото дејствие на романот е структурирано во дијалози, што не само на ликовите туку и на настаните им дава особена живост и непосредност.“

Straelener Atriumsgespräch mit Ingo Schulze
Делата на Инго Шулце преведувани на многу јазициФотографија: DW

„Адам и Евелин“ е второ дело од плодното творештво на Инго Шулце, кое е преведено на македонски јазик. Минатата година беше објавена и збирката раскази „Мобилен“, која го тематизира времето пред и по падот на Берлинскиот ѕид, добитник и на наградата на саемот во Лајпциг 2007. Освен на македонски, делата на Инго Шулце се преведени на голем број европски јазици, кинески и арапски. За квалитетот на преводот на неговите дела се грижи и самиот автор преку непосреден контакт со преведувачите.

Преведувачот е коавтор на делото

Übersetzerin Elizabeta Lindner
Преведувачот Елизабета ЛинднерФотографија: DW/ Silvera Padori

Важен аспект и за преведувачката на македонски јазик Линднер, која смета дека литературниот преведувач е и коавтор на делото: „Освен беспрекорното познавање на двата јазика, многу важен е талентот на преведувачот и неговата способност да се внесе во оригиналниот текст и да се поистовети со авторот и тоа искуство да го пренесе во преводот. Она што се запоставува во Македонија, а во Германија особено се цени, е дека преведувачот е втор автор, или коавтор на преведеното дело и целосно ја сноси таа одговорност, а тоа во Македонија за жал не игра никаква улога, се гледа набрзина и за малку пари да се преведе нешто и затоа читателите се изложени на секакви преводи, кои во најлош случај го компромитираат, омаловажуваат или уништуваат оригиналот.“

Романот на Инго Шулце „Адам и Евелин“ својата промоција на македонски јазик ќе ја доживее на 3 јуни во 21 часот во „Менада“ во Скопје, а извадоци од книгата, во присуство на авторот ќе бидат прочитани и на 4 јуни во 11 часот во германската читална во Народната и универзитетска библиотека. Овие две литературни средби со авторот ги организираат Културна установа Блесок, во соработка со Гете Институт во Скопје, а со поддршка од Германско-Македонското Друштво и Фондацијата Роберт Бош.

Автор: Александра Трајковска

Редактор: Трајче Тосев