1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија - нов бедем против бегалците

ЖА/шпигел/ди велт/вц13 февруари 2016

Државите од Вишеградската група Унгарија, Полска, Чешка и Словачка сакаат да ја затворат Балканската рута за бегалците. Австрија ја притиска Македонија на евентуално затворање на границите, нудејќи своја помош

https://p.dw.com/p/1Husv
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Онлајн изданието на „Шпигел“ ги пренесува зборовите на словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак во разговор за германскиот магазин:

„Се‘ додека не постои заедничка европска стратегија, легитимно е што државите на Балканската рута ги штитат своите граници. Притоа, ние им помагаме“. Четирите држави и натаму одбиваат прифаќање бегалци кај себе. На средбата в понеделник, четирите членки на Вишеградската група, наречена според местото на основањето, ќе се советуваат околу конкретни чекори за поддршка на Македонија при затворање на границата кон Грција. Со тоа овие источноевропски земји се ставаат експлицитно контра планот на германската канцеларка Ангела Меркел за намалување на бегалскиот бран првенствено со поддршка на Турција. Според Лајчак, погрешно е на Турција да и‘ се препушти решавањето на проблемите на Европа. На отпор кај четирите Вишеградски држави наидува и идејата на Меркел за прием на одредени контигенти бегалци од Турција и нивна распределба низ ЕУ.

„Контигентите само ќе ја зголемат стимулацијата за миграција“, критикува Лајчак.

Brüssel Außenminister Österreich Sebastian Kurz
Себастијан КурцФотографија: Getty Images/AFP/E. Dunand

Весникот „Велт“ во денешното издание пишува за притисокот кој Австрија го врши врз Македонија во бегалската криза за затворање на границата. Виена притоа нуди и помош од свои војници. Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц за весникот изјавил: „Ги поддрживам размислувањата за цивилно-воена мисија на грчко-македонската и на македонско-српската граница. Македонија треба по Грција да биде прва земја која ќе е спремна да ја запре навалата.“ Курц и‘ нуди на Македонија помош во обезбедувањето на границата.

„Некои ЕУ-членки веќе ја поддржуваат Македонија. И Австрија е подготвена да им помогне на земјите од Западен Балкан, а посебно на Македонија со полицајци и техничка опрема, евентуално дури и со војници, ако биде потребно.“ Според Курц, Австрија наскоро ќе ја достигне планираната горна граница на бројот на бегалци: „Австрија донесе одлука за прием на најмногу 37 500 бегалци, границата ќе биде достигната во текот на следните недели. За тоа ги информирав моите соговорници на Западен Балкан“, изјавил за „Велт“ Курц, кој вчера престојуваше во Скопје.

Весникот „Винер Цајтунг“ пак пренесува дека австрискиот министер за одбрана Ханс Петер Доскоцил во Минхен, каде се одржува Минхенската конференција за безбедност, се сретнал со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, со кого разговарал за темата.

„Уште една година како 2015 не можеме да си дозволиме“, изјавил Доскоцил. Идејата на Германија за ангажман на флотата на НАТО во справувањето со бегалската криза е „важен чекор, но само една акција меѓу многуте кои се потребни“, смета Доскоцил. Тој со македонскиот претседател Иванов разговарал околу ангажман на до сто австриски војници кои би ги поддржувале македонските власти во обезбедувањето на границата и хуманитарната помош. За идната недела е планирана сондирачка посета на експерти кои треба да ги испитаат потребите. Целта е очигледно подигање на т.н. хотспотс, пишува „Винер Цајтунг“.