1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Источна Европа трепери од драхмата

Обработка: Елизабета Милошевска Фиданоска1 јуни 2012

Излегување на Грција од еврозоната ќе ги втурне нејзините соседи во понор - пишува денеска „Ханделсблат“ додавајќи: валутите на Србија и Романија се веќе тргнати по удолнина.

https://p.dw.com/p/156FK
Фотографија: Fotolia

Грчките банки со своите речиси 70 милијарди евра држат 15 проценти од основниот капитал на сите банки на Балканот, пишува денеска (01.06) весникот „Ханделсблат“, оценувајќи дека токму доминантноста на грчките банки во соседните држави сега се покажува како хипотека:

„Грција во изминатите 20 години имаше регионална водечка улога на Балканот и тоа до 2008 година постојано гордо го нагласуваше. Освен во Кипар, грчките банки и други претпријатија се релевантен фактор и во Бугарија, Романија, Македонија (која официјално се‘ уште делува под уметничкото име ФИРОМ), Албанија и Србија... Затоа Европската банка за реконструкција и развој веќе извесно време прави напори за создавање „одбранбен прстен“ околу Грција. ’Таму сме активни веќе извесно време’, вели првиот човек на ЕБРД Ерок Берглоф. Тоа што досега во соседните земји речиси воопшто не се повлечени заштеди, според него, е успех. ’Тоа покажува дека одбранбениот прстен е веродостоен. Но мора да сториме повеќе за веродостоен и да остане.’ За таа цел е создадена иницијативата Виена 2.0, како продолжение на успешната иницијатива од 2009 година, која е договор со австриските банки да не ги повлекуваат парите од Источна Европа, што и функционираше две години. ’Југоисточна Европа реагираше особено чувствително на развојот во еврозоната, пред се‘ поради големото значење на грчките банки во тој регион’, вели Берглоф.

Колку навистина би биле катастрофални последиците од излегување на Грција од еврозоната, меѓутоа не се знае: ’излегување од еврозоната би имало негативни, но не кататсрофални последици за соседните земји’, оценува Марин Лешенски од тинк тенк Европската иницијатива во Софија“.

„Ханделсблат“ наведувајќи дека најмногу би бил веројатно погоден Кипар, на крајот оценува дека соседите парадоксално можеби и би профитирале од грчката криза. „Во изминатата година 800 до 1000 грчки претпријатија го преместија своето седиште во Бугарија, за да избегаат од зголемувањето даноци кое се закануваше и несигурноста, ’Некои бугарски банки информираат за отворање банкарски сметки наголемо на југот, во близина на границата. Мал излет преку граница и сигурното пристаниште Бугарија е очигледно привлечно’, вели професор Франц-Лотар Алтман од Друштвото за ЈИЕ и професор на Универзитетот во Букурешт“.

„Ноје Цирихер Цајтунг“ пак под наслов „Се‘ уште ниту еден кандидат од ЕУ не е фит за еврото“, денеска констатира дека осумте земји на ЕУ кои важат за кандидати за приклучување во монетарната унија, се‘ уште не можат да го преземат еврото.

„До овој заклучок дојдоа Европската Комисија и Европската централна банка во своите одделни извештаи објавени вчера на ист ден. ЕЦБ нагласува дека должничката криза не ја заострила ситуацијата, но во ниту една од земјите (Бугарија, Чешка, Летонија, Литванија, Унгарија, Полска, Романија и Шведска) економската конвергентност не напредувала толку за приклучувањето да биде замисливо во овој момент. Најважниот критериум притоа е двегодишно учество во системот на курсеви на размена ЕМР два, во кој учествуваат и онака само Летонија и Литванија. Но и во делот на останатите критериуми повеќето од земјите имаат лоши резултати. Само три од кандидатите ги исполнуваат критериумите за инфлацијата, и исто така три, ако не и истите, го задоволуваат критериумот за дефицитот“.