1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истрага за корупција против екс-претседателот

ЖА/дв/дпа/кна/ртре7 април 2013

Во еден од најголемите корупциски процеси во Бразил, започна истрага и против поранешниот претседател Лула да Силва.

https://p.dw.com/p/18BAt
Фотографија: Adalberto Roque/AFP/Getty Images

Федералното јавно обвинителство на Бразил и‘ издаде наредба на полицијата да спроведе истрага во врска со тврдењата дека поранешниот бразилски претседател Лула да Силва учествувал во „купувањето“ пратеници во државниот Конгрес и вршел други потплатувања. За време на неговата должност тој, според обвинението, вршел илегални плаќања.

Под обвинение дека потплатувале пратеници во Конгресот за да гласаат за одредени закони, лани беа осудени двајца блиски соработници на Да Силва. Сега обвинителство бара да се испитаат тврдењата на еден од осудените, бизнисменот Маркос Валерио, дека Да Силва лично го одобрил ова „купување“ на пратеници.

Валерио заработи 40 години затвор под обвинение дека раководел со мрежата преку која од тајни извори биле подмитувани пратеници за да гласаат за закони предложени од владејачката Партија на трудот на Да Силва. Валерио, исто така, тврди дека Да Силва, кој беше претседател на Бразил од 2003 до 2010 година, користел пари од тие тајни сметки и за лични потреби. Да Силва наводно во 2002 година побарал и добил илегална изборна помош од португалската фирма „Португал телеком“. Тогашниот прв човек на „Португал телеком“ Мигуел Хорта е Коста им префрлил околу 5,4 милиони евра на Да Силва и неговиот подоцнешен министер за финансиии Антонио Палочи.

Валерио инаку се смета за еден од клучните луѓе во корупцискиот систем на Партијата на трудот на Да Силва. Кон крајот на минатата година во мамутскиот процес беа осудени 25 политичари, правници и бизнисмени за учество во подмитувањето пратеници меѓу 2003 и 2005 година, но не се вршеше истрага против Лула да Силва.

По избивањето на скандалот тој се извини во името на својата партија, тврдејќи дека не знаел ништо за нелегалните активности. Во едно интервју сепак призна дека знаел за постоењето „црни изборни каси“, кои ги означи за „вообичаена пракса“.

Да Силва и натаму важи за еден од највлијателните политичари во Бразил, од причина што и во сегашната бразилска влада на Дилма Русеф има голем број негови блиски соработници.