1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ист проблем, исто растојание

2 декември 2009

Ни веројатно последната средба на високи претставници на Македонија и Грција спроти самитот на ЕУ на 7 декември, не донесе видлив напредок во клучниот спор околу името.

https://p.dw.com/p/KnO4
Антонио Милошоски: Грција да размисли за своите чекори и да биде прагматичнаФотографија: DW

На средбите на македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски со грчкиот премиер и шеф на дипломатијата Јоргос Папандреу и заменик министерот Димитрис Друцас на маргините на министерскиот состанок на ОБСЕ во Атина стануваше збор за повеќе мерки за зголемување на меѓусебната доверба.

Премиерот на Грција Јоргос Папандреу и заменик министерот за надворешни работи Димитрис Друцас на средбите во Атина со шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски ги повторија грчките позиции во однос на прашањето за името, а во контекст на евроинтеграцијата на Македонија. Милошоски по средбите изјави дека очекува пред престојниот самит на ЕУ, на кој треба да се одлучува за датум за преговори на Македонија со ЕУ, Грција да размисли за своите чекори и да биде прагматична во однос на евроинтеграцијата на Македонија.

„Има уште малку време, тоа се клучните луѓе коишто треба да размислат за ова прашање. Нашата порака беше дека принципот на блокирање и попречување на напредокот на Македонија кон евроинтергациите нема да биде од полза за никого, ниту за билатералните односи, ниту за имиџот на двете земји, а во исто време нема да биде полезен ниту за процесот што го водиме под покровителство на ОН“, изјави македонскиот министер за надворешни работи.

Напротив, вели Милошоски, доколку Грција покаже волја и прагматизам да ја даде својата поддршка за она за што се декларира како земја од балканскиот регион, тоа може во голема мера позитивно да влијае врз градењето на заемната доверба и во создавањето поповолни услови за разговор во однос на билатералното прашање поврзано со името на Македонија.

Можноста одредувањето датум за старт на преговорите воопшто да не се најде на агендата на Самитот на ЕУ на 7 декември, шефот на македонската дипломатија смета дека ќе значи нарушување на кредибилитетот на Унијата и на Европската комисија, која препорача отворање на пристапните преговори.

Друцас: единствен процес на преговори за името е процесот во ОН

Грчкиот заменик министер за надворешни работи Димитрис Друцас, пак, во изјава за грчките медиуми по средбата со македонскиот ресорен колега истакна дека владата во Атина ќе ја искористи секоја можност за директни разговори, со цел создавање позитивна клима меѓу двете страни. Грција нема ништо против соработката на полето на заштитата на човековата околина, подобрувањето на условите за инвестирање, како и за отворање нови гранични премини. Друцас, меѓутоа, нагласи дека единствениот процес на преговори за името е тој кој се води под медијаторство на ОН. Тој вчера не сакаше да каже ни дали наскоро ќе ја посети Македонија. Тоа е можно, но не како заменик министер за надворешни работи, туку во својството на претседавач со ОБСЕ, порача Друцас. И овој тактички потег покажува дека Атина не сака да се создаде впечаток дека се откажала од преговорите за името под покровителство на ОН.

Griechenland Stellvertretender Aussenminister Dimitris Droutsas
Димитрис Друцас: Единствениот процес на преговори за името е тој кој се води под медијаторство на ОНФотографија: AP

Конзервативната опозиција во Грција не се согласува ни со ваквите облици на соработка меѓу двете земји. Таа критикува дека со најновите директни преговори проблемот со името бил деградиран на билатерален проблем меѓу Скопје и Атина.

Автор: Јанис Пападимитриу / миа / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска