1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исчезна американско оружје наменето за Ирачаните

Линда Штауде1 ноември 2006

“Њујорк Тајмс”, повикувајќи се на владин извештај за истрагата, пишува дека “нема трага” на повеќе од 700 пушки и 13 илјади пиштоли. Оружјето не било ни регистрирано!

https://p.dw.com/p/Adw8
Оружје во Фалуџа
Оружје во ФалуџаФотографија: AP

Истрагата пред 6 месеци ја иницира токму еден од истакнатите Републиканци, шефот на сенатската Комисија за оружените сили Џон Ворнер по враќањето од инспекција во Ирак, која уште тогаш кај него роди скепса во однос на постојано од администрацијата на претседателот Буш нагласуваниот напредок.

На американската војска и’ се загубија илјадници парчиња оружје, кои всушност беа наменети за штотуку обучените ирачки безбедносни сили. Надлежните надзорни власти, по налог на Ворнер, констатираа дека Пентагонот нема поим каде останале приближно 4 проценти од вкупно околу половина милион ракетни фрлачи, полуавтоматски пиштоли и автоматски пушки, што американските даночни обврзници ги чинат околу 130 милиони долари. Речиси 14 илјади парчиња оружје исчезнаа некаде на патот кон Багдад. Не можеше да се утврди точно каде: војската, спротивно на практиката во светот, не ги регистрирала како што е пропишано. Од сето испорачано оружје, постојат списоци со сериски број за само околу 10 илјади парчиња, што не претставуваат ни три проценти.

Според извештајот во “Њујорк тајмс”, високи по ранг офицери во Багдад образложиле дека “не знаеле оти тој пропис важи и за нив”. Пентагонот, така, немал можност да утврди ни дали оружјето што недостасува воопшто стигнало до ирачките безбедносни сили и од таму исчезнало или пак било тргнато уште пред испораката, ниту пак дали не стигнало до рацете на востаниците.

Особено пикантно е дека исчезнал цел товар од преку 700 специјални пушки за снајперисти, и тоа во момент кога Министерството за одбрана се жали на се’ поголем број жртви меѓу своите војници настрадани од ирачки снајперисти.

Од истрагата произлезе уништувачки извештај за можеби смртоносна неуредност и за неспособност. Истрагата, освен тоа, покажа дека Пентагон, навистина, им испорачувал оружје на Ирачаните - иако очигледно не толку, колку што било планирано, но не и доволно резервни делови и муниција. Зошто – не е познато.

Ова е и една од причините што надзорните власти дојдода до заклучок дека Ирачаните на неодредено време нема да бидат во состојба самостојно да се грижат за безбедноста во својата земја. Втората е дека досега е обучен премалку персонал кој би можел да испорача дотур, да транспортира војници и да преземе слични задачи. Кај логистиката и натаму се’ зависи од Американците, се вели во извештајот.

Значи, лоши се изгледите САД во догледно време да можат да повлечат дома барем еден дел од своите трупи во Ирак, што инаку постојано со многу надеж го навестува претседателот. А тоа, пак, значи уште поголем притисок врз Републиканците во финишот на предизборната кампања за претстојните избори за Конгресот, во која и без тоа темата Ирак им приредува најголеми проблеми.