1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100611 Italien Referendum

10 јуни 2011

Додека германската канцеларка Ангела Меркел се бори за поддршка во парламентот за програмата за откажување од користењето атомска енергија, италијанскиот премиер Силвио Берлускони се залага за градење нуклеарки.

https://p.dw.com/p/11XrO
Фотографија: AP

И по катастрофата во Фукушима Берлускони смета дека иднината на снабдувањето со енергија лежи во атомските централи. За да го спречи во таквите намери, опозицијата на викендов (12.06) организира референдум, во кој граѓаните треба да го кажат последниот збор.

Расположението на Италијанците што се однесува до атомската енергија можеше да се види неодамна при референдумот во Сардинија. Населението се изјасни со огромно мнозинство од дури 97% против градењето атомска централа и складирање на атомски отпад на островот.

„Сардинија не смее да стане депонија за атомските централи, ниту пак овде да се градат нуклеарки. Видовме што се случи во Јапонија. Но, тоа не ни‘ беше неопходно, бидејќи нашиот остров е прекрасен и мораме да го штитиме од такво нешто“, порачува една граѓанка на Сардинија.

„Станува збор за живот или смрт“

Граѓаните на Италија всушност веќе го кажаа своето мислење за атомската енергија уште по катастрофата во Чернобил во 1986 година. Тие тогаш се изјаснија за запирање на плановите за изградба нуклеарни централи во нивната татковина. Но, поради тоа, Италија е принудена да увезува струја од француските нуклеарки, исто како и земен гас од Либија и Русија, за да ги покрие потребите по енергија. На таа карта игра премиерот Силвио Берлускони, кој бара промена на курсот и свртување кон атомската енергија:

Сардинија не смее да стане депонија за атомските централи, велат жителите
Сардинија не смее да стане депонија за атомските централи, велат жителитеФотографија: dpa

„Апсолутно сме уверени дека атомската енергија е иднината на целиот свет!“

Ваквиот курс на Берлускони ја предизвика опозицијата во земјата да иницира референдум, на кој никој не се сомнева дека ќе победат противниците на атомската енергија. Прашање е само дали ќе има доволна излезност на граѓаните од барем 50%, што на рефередумот би му дало законски легитимитет. Затоа, угледни личности како легендарниот пејач Андријано Челентано порачуваат:

„Ова звучи како претерување, но овој пат навистина станува збор за живот или смрт. Не можеме да си дозволиме да нема кворум на референдумот. Само тоа го чека оваа бескрупулозна влада!“

Изјаснување и за Берлускони

Референдумското изјаснување во Италија е еден вид изјаснување и за премиерот Берлускони и неговата влада, бидејќи на гласање стои и законот кој на членовите на владата им овозможува да не се појават на суд ако се спречени со „поважни работи“. Ова директно и многу лично го засега премиерот, бидејќи против него се водат повеќе судски процеси.

Силвио Берлускони
Силвио БерлускониФотографија: AP

„Уверени сме дека во нормална, демократска, модерна и цивилизирана земја законот треба да важи еднакво за сите граѓани“, порачува иницијаторот на референдумот Антонио Дипјетро од малата опозициска партија „Италија на вредностите“.

Автор: Тилман Клајнјунг / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема