1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија го фати последниот воз за ЕП, шанса добија и Англичаните

19 ноември 2007

Италија, Франција, Шпанија, Хрватска, Полска и Холандија го визираа учеството на наредното Европско фудбалско првенство во Австрија и Швајцарија 2008 - Хрватите дури и со пораз од Македонија. Уште 4 места непополнети.

https://p.dw.com/p/CJEu
Најистакнатиот поединец Лукас Подолски, популарниот „Принц Полди“, и’ се заблагодарува на публиката во ХановерФотографија: AP

Во А-групата Полска со победата над Белгија со 2 спрема 0 е сигурен учесник – и тоа за прв пат воопшто на едно Европско првенство. Прашање е само дали како прво-или второпласирана, оти в среда и’ гостува на Србија, која уште не е дефинитивно отпишана. Клучен е натпреварот Португалија – Финска. Со победа или нерешено Португалците ќе ги решат сите дилеми.

Во Б-групата Италија по победата постигната во последната минута од пресудниот натпревар на гости кај Шкотска со 2 спрема 1 не само што го обезбеди пласманот за Европското првенство, туку најверојатно и првото место во групата. В среда Италија го пречекува апсолутниот аутсајдер Фарските острови, заедно со Сан Марино и Андора единствените репрезентации без освоен бод во овие квалификации. „Сите мои играчи го заслужија овој успех. Моравме да пребродиме многу падови, но оваа екипа има карактер“, оцени тренерот Роберто Донадони.

Италијанците им завршија работа и на Французите, за кои сега последната средба против Украина веќе и нема значење, оти во секој случај се меѓу патниците за Австрија и Швајцарија.

Во Ц-групата бранителот на титулата Грција е суверено прва, а своите навивачи во Атина во саботата ги разгали со високата победа од 5 спрема 0 против Малта. Победа од огромно значење извојува Турција во директниот дуел со конкурентот Норвешка и сега има подобри карти во последното коло – дома игра против Босна и Херцеговина. Норвешка мора да победи на гости кај Малта, но ни тоа нема да и’ биде доволно доколку Турците постигнат полн погодок.

Германците се рехабилитираа, „принц Полди“ блесна во нова улога

Во Д-групата Германија в среда треба да го победи Велс во Франкфурт за да ги заврши квалификациите како победник на групата. Чешка, која има ист број бодови, ќе има потешка задача на гостувањето кај Кипар. Обете екипи играат релаксирано, со обезбедено учество на ЕП.

За Германија натпреварот против Кипар беше можност за рехабилитација по убедливиот претходен пораз од Чешка. Играчите ја искористија шансата и од Хановер го испратија противникот, кој не остави толку лош впечаток, со 4 голови во мрежата. Сојузниот тренер Јоахим Лев беше задоволен, но сепак најде и „влакно во јајцето“: „Екипата добро го започна натпреварот, со многу концентрација, готовност за ангажман. Веднаш ставивме акценти во офанзивата и дадовме гол. Но, имавме и фази во играта со нешто послабо темпо“.

Централна личност на средбата беше Лукас Подолски. За најдобриот млад играч на последното светско првенство по мондијалот наидоа тешки денови - беше повреден, падна во голгетерска криза, не стана стандарден член на првиот тим на Баерн. Но, настапите во репрезентацијата му се еликсир.

Во саботата Подолски даде еден гол и учествуваше во подготовката на сите други. Притоа, играше на нова позиција, повеќе како креатор, дејствувајќи по левата страна. Уште еднаш дојде до израз раскошот на неговиот талент. „Подолски прекрасно ги подготви головите со ненормално многу ризик во дриблингот и пробивност. На оваа позиција тој навистина одигра прекрасен натпревар и решавачки придонесе за да го добиеме толку убедливо “ – оцени Јоахим Лев.

За Подолски тоа беше нова улога во репрезентацијата, инаку своевремено во Келн повеќе и дејствуваше како напаѓач од втор план. „Јас сум таков тип, кој радо сака да ја има топката в нозе, кој радо со темпо доаѓа од средината на теренот. А од оваа позиција тоа може сосем добро да се прави“ - изјави Лукас Подолски.

И соиграчите го истакнаа неговиот придонес. „Лукас посебно - тој одигра одлично, а и другите играа добро. Беше убаво, оти добрата атмосфера од трибините се пренесе и врз играчите“ – рече Томас Хицлспергер. Мирослав Клозе дополни: „Сметам дека е важно нашиот тим постојано да е во движење. Кога трчаме, можеме да играме и добар фудбал. Така беше денеска“.

Судбината на Англичаните во нивни раце, значаен успех на Македонија

Во Е-групата парадоксална ситуација: Хрватска доживеа убедлив пораз во Скопје – 2 спрема 0 - и сепак обезбеди учество на ЕП. Збрката ја направија Русите со поразот на гости од Израел со 2 спрема 1. Така ненадејно Англија доби шанса со победа или реми против Хрватите во среда да им се придружи како учесници на ЕП. „Отсекогаш верував дека последниот натпревар против Хрватска ќе биде решавачки. За среќа, така и испадна“, рече англискиот тренер Стив Мекларен. Русија не би требало да има проблеми со Андора, но судбината ќе и’ зависи од исходот на средбата во Лондон. Само пораз на Англичаните им оди во прилог на Русите, а нивниот тренер, Холаѓнанецот Хус Хидинк и „не очекува ништо друго“, освен таква разврска.

Во финишот на квалификациите, кога вниманието беше насочено кон големите екипи кои мораа да се провлечат низ иглени уши, не доби соодветно ехо победата на Македонија над Хрватска. Хрватската агенција Хина акцент става врз, како што оценува, „апсолутно нерегиларните услови“ и теренот на стадионот во Скопје натопен со вода, на кој хрватските играчи не можеле да ја играат „својата препознатлива комбинаторната игра“. Агенцијата извести и дека тие на полувремето дознале за победата на Израел над Русија, па потоа немале ни посебен мотив.

Шпанија силна, Холандија повторно неубедлива

Во Ф-групата Шпанија на убедлив начин – со 3 спрема 0 против дотогашниот лидер Шведска, докажа дека и’ е место на собирот на најдобрите, додека Скандинавците ќе мора да го потврдат истото за себе во дуелот против Летонија в среда. Шансите на Ирска, која и’ гостува на Шпанија, се речиси само теориски.

Конечно, во Г-групата Холанѓаните и со минимална победа од 1 спрема 0 против последнопласираниот Луксембург ги расчистија сите дилеми, па победата на Бугарија над водечката Романија има само престижно значење – Бугарите ќе бидат само гледачи на ЕП.

Зоран Јордановски