1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Италија шокирана од насилството на антиваксерските протести

Арнд Рикман
11 октомври 2021

Протестите против обврската за корона-пасоши во Италија викендов ескалираа. Меѓу насилниците имаше и водечки членови на десноекстремната Форца Нуова. Сè погласни се барањата за забрана на партијата.

https://p.dw.com/p/41WeW
Italien Rom | Protest gegen "Green Pass"
Насилни протести во Рим против „зелениот пасош“ (9.10.2021)Фотографија: Remo Casilli/REUTERS

Почнувајќи од следниот петок во Италија правилото 3Г ќе важи и за одење на работа. „Зелениот пасош“ нема да треба да се приложи само за влез во ресторани, кина или спортски сали, туку отсега Италијанците ќе треба да покажат дали се вакцинирани, оздравени или имаат негативен корона-тест и на работните места. Илјадници луѓе во саботата вечер (9.10) во повеќе италијански градови излегоа на улица во знак на протест против новите мерки.

Протестите во Рим ескалираа

Повеќе стотици луѓе во италијанскиот главен град се отцепија од караванот демонстранти и се обидоа да стасаат до Парламентот и очигледно и до седиштето на премиерот Марио Драги, кое се наоѓа во близина. Дојде до судир со полицијата.

Демонстрантите го нападнаа и седиштето на Сојузот на синдикати, ЦГИЛ. Полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги сопре. Разгневената толпа ги напаѓала полицајците со стапови. Како што може да се види од аматерските снимки насилниците влегле во самата зграда на синдикатите и ги опустошиле канцелариите. Тројца карабињери се повредени.

Потоа во саботата вечер околу 30 лица упаднале во службата за итна помош во една болница каде што бил третиран еден од нивните уапсени соборци. Како што јави италијанската новинска агенција АНСА, насилниците ја искршиле вратата и се судриле со безбедносните служби и медицинскиот персонал. Четири лица се повредени во инцидентот меѓу кои и една медицинска сестра, која била погодена со шише по глава.

Italien Rom | Protest gegen "Green Pass"
Уништена канцеларија во централата на ЦГИЛФотографија: Mauro Scrobogna/La Presse/ZUMA Press/picture alliance

Дванаесет уапсени

Полицијата уапси дванаесет лица по насилните демонстрации. Зад решетки се и неколку членови на десноекстремната партија Форца Нуова, меѓу кои и генералниот секретар Роберто Фиоре и шефот на огранокот во Рим, Џулијано Кастелино.

Во светло на овие настани, умерени и левоориентирани италијански политичари бараат забрана на Форца Нуова. „Доста ни е од насилство од неофашистички групи. Во парламентот ќе поднесеме итно барање со кое ќе ја повикаме владата да ја забрани Форца Нуова“, изјави Емануеле Фиано, парламентарец од редовите на Партито Демократико. Овој предлог го поддржуваат и членови од партијата на премиерот Драги.

Повеќе: Ковид во Италија: Уморните херои од Бергамо

За акт на „фашистичко насилство“ и „удар врз Уставот“ зборува и шефот на ЦГИЛ, Маурицио Ландини. И тој се залага за забрана на Форца Нуова и најави антифашистички демонстрации за следната сабота. „Не можат да нѐ заплашат, не им се плашиме“, рече Ландини во обраќање пред седиштето на сојузот на синдикати.

„Зелен пасош“ и правило 3Г

Во Италија од петок„зелениот пасош” ќе важи и на работното место. Кој нема да оди на работа бидејќи нема таков документ, мора да смета со суспендирање. Корона-тестови се бесплатни само за оние лица кои од здравствени причини не може да се вакцинираат. Обврската да се има корона-пасош се однесува на 23 милиони работници во Италија. Во јавниот живот на многу места важи правилото 3Г. Мерката истовремено придонесува за разлабавувања: кината, театрите и концертните сали смеа да бидат 100% пополнети, а повторно може да бидат отворени и дискотеките.

Според податоци на Министерството за здравство, досега околу 80% од италијанското население на возраст над 12 години е целосно вакцинирано. Италија веќе има повеќе од 130 илјади смртни случаи поврзани со коронавирусот.