1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија подготвува превентивни мерки

13 ноември 2007

Фудбалските инциденти во Италија веќе носат последици:италијанскиот фудбалски сојуз ги откажа сите натпревари во втората и третата лига. Се бара воведување специјални мерки кои во иднина би спречиле вакви инциденти.

https://p.dw.com/p/CAtp
Слика од судирите меѓу навивачите и полицијатаФотографија: AP

Втората и третата италијанска лига нема да играат едно коло – така одлучи фудбалскиот сојуз. Серијата А нема да паузира следниот викенд поради квалификациите за европското првенство. Националниот тим неделава ќе игра со црни ленти на дресовите. Првиот човек на Сојузот Џанкарло Абете објаснува:

„За четврток закажавме нов состанок, кој следи по средбата со сите претседатели на здруженијата на двете највисоки лиги, за да разгледаме редица иницијативи во кои од 25 ноември, ќе бидат претставени основните вредности на кои почива светот на фудбалот.

Министерката за спорт Џована Меландри побара конкретни мерки од првите луѓе на фудбалот. Долга пауза за размислување, како што рече Меландри, Сојузот нема да и дозволи на лигата.

Комисијата за контрола во спортот до министерството за внатрешни веќе достави забрана за групно патување на насилните навивачи кога одат на натпреварите на нивиниот тим на гостински терен. Треба да се воведат и своевидни навивачки пропусници. Тие ќе треба да ги добиваат поединечни членови на спортските здруженија и со тоа ќе бидат подобни да влезат на стадионите. До 1 март клубовите, чии стадиони собираат над седум илјади лица, имаат време да воведат стјуард систем по примерот на Англија. Стјуардите го надгледуваат и регулираат однесувањето на фановите на трибините. Ако фудбалските сојузи не го сторат тоа, тогаш ќе играат пред празни трибини.

Амато: да се пронајдат сите одговорни за инцидентите

Италијанскиот министер за внатрешни, Џулијано Амато појасни дека целта е сите одговорни за инцидентите од неделата да бидат откриени. Веќе во понеделникот полицијата во Бергамо притвори пет осомничени лица. Таму во неделата на трибините изби неред, поради што беше прекинат натпреварот меѓу Атланта Бергамо и АЦ Милан. Обвиненијата за четворица притворени за судирите во Рим јавното обвинителство ги квалификува како „тероризам“. Министерот за правда Клементе Мастела:

„Тоа не беше само напад на полициска касарна и безбедносните сили. Тоа беше напад врз државата. Обврска е на сите политички сили и се надевам дека со големо мнозинство и одлучност ќе ги осудат нападите“

Изјава на еден очевидец за убиството на младиот фан на Лацио ја менува ситуацијата. Тој вели дека полицаецот пукал целно. Досега властите зборуваа за трагична грешка. Полицијата во градот Арецо утврди дека еден куршум е испукан во висина на човечко тело. Полицаецот што пукал изјавил дека пиштолот истрелал сам.

Зошто е толку голема омразата на навивачите?

Што и да е вистина за инцидентот, останува прашањето зошто е толку голема омразата на насилните навивачи кон полицијата. Стефано Кариеро е дел навивачката група Ултрас на АС Рим. Пред неколку години беше и водач на навивачката група.

„Ултрас се бесни. Кога ќе ги видите како, полицајците се однесуваат на трибините,тогаш и вие ќе се збуните. Одат таму вооружени со пиштоли и ове млади момци кои се најчесто на иста возраст со нив, ги третираат како стока. Тогаш и вие би се налутиле. Проблемите лежат надвор од стадионите. Во ниските плати и високите рати и камати. Човек оди на стадион, зборува за тоа и во полицаецот гледа најголем непријател.“