1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија: Јужен Тирол бара автономија

Бернхард Вабниц/Зоран Јордановски4 јули 2012

Малиот регион на северот на Италија населен претежно со германофони, бара поголема автономија од централата во Рим. Економската криза го засилува сесеционизмот

https://p.dw.com/p/152Nz
Фотографија: picture alliance/ZB

За патник што доаѓа од Северот, посебно од Германија, Јужен Тирол е како прва реална слика од копнежот по Југот. Кога на Северот ноќен мраз уште може да им наштети на растенијата, во Јужен Тирол веќе е пролет и животот се чини полесен и побезгрижен. Но, само се чини, оти жителите на Јужен Тирол повеќе сметаат дека се наоѓаат во бура предизвикана од долговите на Италија и економската криза. Желбата за отцепување од Италија расте не само кај традиционалистите, како стрелецот Михаел Деманега од Салурн, кој студира инженерство во италијанскиот град Тренто.

„Ова е германско подрачје, а не италијанско. Ние сме воен плен од Првата светска војна. Мнозинството не сме Италијанци. Сметаме дека народот треба да реши дали да остане во Италија, или не“, вели Деманега.

Стрелците се сметаат себе си за носители на културното наследство; како свое постигнување си ги припишуваат заштитата на германофоното малцинство, гарантирана со уставот на Италија и признавањето како австриско малцинство во Италија. Но, сега во кризава, тоа не им е доволно. Овие политичари се нарекуваат себе си „Слободарски“, имаат се’ поголем прилив на членови и сонуваат за сопствена држава со свој устав.

„Ние Јужнотиролците овде работиме, редовно плаќаме даноци, овде се’ функционира, така да се каже, владее германски ред, и не може сега да се бара од нас да спасуваме туѓа држава. Тоа едноставно не оди. Затоа се креваат се’ повеќе гласови кои би сакале да си го побараме нашето право на самоопределување и дека можеме да се одвоиме од Италија“, објаснува Ули Маир, претседателка на Слободарската партија.

Разочараност во централата

„Слободарите“ го одразуваат расположението на голем дел од малите и средни претприемачи, кои се разочарани од политиката на Рим: покачени се даноците и воведени се многубројни дополнителни даноци, за да се стават под контрола огромните државни долгови.

Сопственикот на пилана Јозеф Лехнер е еден од нив:

„Не е в ред ова со даноците; тие во Рим упропастија се’ и сега ние мораме да го носиме товарот. Мора да име некое друго решение“.

Веќе има и сосем конкретни претстави каде треба да се протега границата помеѓу Италија и слободната држава за која сонува и Михаел Деманега.

„Населението мора да реши дали таа слободна држава мора да биде во Европа, односно во Европската Унија, оти ние секако сме во срцето на Европа. Од вештачења направени по налог од Шкотска или Каталонија, произлегува дека сегашните подрачја на ЕУ би можеле да бидат дел од Унијата и по отцепувањето“, вели Деманега.

Среден пат

На шефот на регионалната управа најмила му е оваа поза, во друштво на своите селанки тој остава добар впечаток. Свесен е дека вжештените дебати можат да му го загрозат политичкото мнозинство, со тоа и неговиот политички авторитет. Дипломатски вешто и со децении учено, тој и натаму се обидува да следи среден пат.

Südtirol Altstadt von Bozen
Стариот град во јужнотиролскиот БозенФотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

„Ние секогаш штедевме, според традицијата: не смее да се потроши повеќе, отколку што се примањата, оти порано или подоцна мора да се вратат долговите. Досега добро одеше, но државата продолжи да трупа долгови, а ние сме во истиот брод. И, се’ едно ако сме во прва класа, кога тоне бродот, тонеме и ние со него. Поради тоа мораме малку да помогнеме за намалување на вкупните долгови“, вели Луј Дурнвалдер, шеф на управата на Јужен Тирол.

При неделната посета в црква, Михаел уште еднаш појаснува како си ја претставува иднината. Отцепувањето од Италија не значи Јужен Тирол без Италијанци, туку без влијание на италијанската држава.

„Сакам да ги повикам Италијанците да придонесат во решенијата за иднината на Јужен Тирол. Ако се стремиме кон заедничка иднина, можеме заеднички да го подобриме соживотот и да создадеме заедничка татковина“, убеден е Деманега.

Финансиската и економска криза го продлабочи политичкиот јаз во Јужен Тирол. Традиционалните победници и овде се плашат од наредните избори. Сега мора да се докаже дека Германците и Италијанците сакаат заеднички да живеат не само во благосостојба, туку и во криза.