1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија ќе стане европски проблем

Бернд Ригерт
5 декември 2016

Победија оние кои велат „Не“, со чувство не со разум. Последиците за Италија по референдумската одлука ќе бидат тешки. ЕУ тоне сѐ подлабоко во криза, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/2TjcC
Symbolbild | Italien nach Referendum
Фотографија: imago/R. Peters

Матео Ренци е вториот премиер во Европската Унија годинава, кој по еден референдум мора да ја симне капата. Прво британскито премиер Дејвид Камерон, сега шефот на италијанската влада. И двајцата претпреа пораз од коалиција на гневни граѓани, леви и десни популисти и антиреформски сили. Во остатокот на Европа, кај ЕУ ѕвонат ѕвоната за тревога, зашто популистите извојуваа уште една фатална победа. Марин Ле Пен во Франција, Матео Салвини од Северната лига ликуваат на десната страна, Бепе Грило и неговата фундаментална опозиција триумфираат на левата страна. „Вива Трамп, вива Путин, вива Ле Пен!“, твиташе италијанскиот десничарски екстремист Салвини, кој сака северна Италија да ја одвои од југот. Неверојатно е на какво ниво спаднаа политичките расправи. 

Се разбира дека демократската одлука на 60 проценти од Италијанците, згора на тоа со невеообичано висока излезност на референдумот, мора безусловно да се респектира. Но причините кои доведоа до вакво свлечиште, тешко можат да се разберат. Бесните, фрустрираните и изолираните, но и многу од оние кои во Италија профитираа од досегашниот делумно корумпиран систем, му удрија шлаканица на Ренци. Дали ги промислија последиците? И без тоа слабите економски достигнувања ќе страдаат од сега настанатата несигурност. Кој инвеститор оди во земја, во која на наредните избори мнозинство би можеле да освојат анти-политичарите од движењето на Грило.

Ризичен курс и последиците

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Матео Ренци во голем дел и сам си ја посоли супата. Тој е политички играч, кој не се плаши од ризици. Откако во 2014 година јасно победи на изборите за Европарламентот, тој се чуствуваше доволно силно за да го заврти големото тркало и да се зафати со државни реформи. Тој ја врза неговата политичка судбина со реформите и на италијанскиот народ му постави еден вид прашање за доверба. Кога анкетите потоа покажаа дека се пресметал, Ренци се повлекуваше, па потоа зачекоруваше повторно напред со половина срце. Одеднаш веќе не требаше да биде во прашање тој, туку Италија. Но гласачите не му поверуваа. Опозицијата, пред сѐ врвниот популист, Бепе Грило ја виде својата шанса. Тој исто така ризикуваше сѐ и ги убедуваше Италијанците дека Ренци сака да ги измами и да им ја украде демократијата. Тоа, се разбира, е надуена бесмислица, како впрочем и целата конфузна програма на комичарот и интернет-блогер.

Ренци се обиде - премногу арогантно и самозаљубено - да го смали италијанскиот политички апарат и да го направи побрз. Тоа во основа беше добра замисла, дури и секој детал да не беше успешен, сметаат експертите и политиколозите. Но Ренци, кој настапи како голем „багер“, сакаше барем да покаже дека промени се можни во закоравениот и делумно корумпиран систем. Од тоа засега нема да биде ништо. Ренци мора да се соочи со последиците од неговиот ризичен курс. И не само тој.

Застојот не може да подобри ништо

Финансискиот свет и инвеститорите ќе ја казнат и без тоа стагнирачката економија на Италија и ќе ги остават на цедило. Италија дури би можела повторно да се лизне во рецесија. Долговите, кои и без тоа се авантуристички, ќе растат. На тој начин Италија ќе стане европски проблем. На ЕУ во светот по Брегзит и со нерешената грчка проблематика воопшто не ѝ е потребна од криза потресена Италија. Во најлош случај земјата за период од една година ќе добие технократска влада, што ќе значи едногодишен застој до наредните редовни избори. Доколку има избори претходно, големи се шансите до власта да се добере популистичката трупа на Грило. Тој постојано подбуцнува бес и ја искористува фрустрацијата на граѓаните и се залага за излегување на Италија од еврозоната. Тоа веројатно би значело крај за монетарната заедница, бидејќи Италија е трета по големина држава во Еврогрупата и нето-плаќач во буџетот на ЕУ и во спасувачките програми.

Во Италија, за разлика од другите држави во ЕУ, ксенофобијата, бегалската криза или национализмот не се главните адути на популистите. Па сепак, казнувањето на владата во Италија, им дава ветер во грбот на Герт Вилдерс во Холандија, или Марин Ле Пен во Франција, кои напролет со своите пароли тргнуваат во лов на гласови. Така што популистичкиот вирус ќе се шири и натаму, па и во Германија. Наесен самонаречената „Алтернатива за Германија“ планира да ги мобилизира бесните граѓани. Италијанците сега индиректно ѝ помогнаа во тоа. Мама миа!

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија