1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Итните реформски приоритети со брзина на жeлка

Катерина Блажевска31 мај 2016

Владата најавува интензивирање на реформите, експертите се сомневаат во каков било успех. Според нив, и по една година, итните реформски приоритети се одвиваат со брзина на желка и имаат „нула“ степен на реализација.

https://p.dw.com/p/1IxUO
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Во експертската јаност нема никакви очекувања за спроведување суштински реформи, ни по најавата дека Владата ќе зголеми фокусот на реализација на активности за Итните реформски приоритети (ИРП), како што рече вчера премиерот Емил Димитриев и објасни зошто досега се доцнело.

„Во периодот кога беа распишани изборите ваквите активности не одеа со динамиката кој беше посакувана. Согласно со Акцискиот план, во кој се точно утврдени рокови за сите мерки, институциите преземаат обврски за да го реализираат она што се бара од нив“, рече Димитриев.

Но, Акцискиот план беше донесен лани, а ни до првите најавени избори не се прослави со резултати. Графите под наслов „степен на реализација“ останаа главно празни или со запишани тековни активности кои се многу далеку од крајната реализација - обуки, координации и слично. Притоа, за многу активности не беше утврден ниту рок за реализација. Таков е примерот со рефомите за „Функционален судски и собраниски надзор на следењето на комуникациите“. На пример, не беше одреден рок за реализација на препораките „Да се отстрани посредничката функција на УБК како 'чувар' за активностите на следење од страна на органите за спроведување на законот (полиција, царина, финансиска полиција)“ или за „Отстранување на практичните и техничките можности на УБК за директно следење на комуникациите“, ниту за обезбедување на таква законски дефинирана можност „исклучиво по претходно добивање на релевантен судски налог и само за законско следење“. Одговорот за степенот на реализација на овие препораки во Акцискиот план е идентичен: „Оваа активност ќе се реализира со донесувањето на новиот Закон за следење на комуникациите“. Кога ќе се донесе законот - нема одговор.

Низок степен на реализација

Пред Владата сега стои „шума“ од обврски, со оглед дека ИРП се однесуваат на десет области: владеење на правото и правосудство, деполитизација на јавната администрација, изборна реформа, имплементација на препораките на Анкетната комисија за настаните од 24 декември, медиуми, права на немнозинските заедници и ранливите групи, меѓуетнички односи, економско управување, добрососедски односи и евроатлантска интеграција.

„Еден голем сет на реформи се исправени пред нас, но убеден сум дека со силен ангажман од страна на Владата и на сите задолжени за реализација на реформите ќе го завршиме процесот онака како што се бара“, вели техничкиот премиер. Но, и начинот на кој ги замислува реформите, повеќе наликува на „технички“.

„Еден дел од мерките можат институциите сами да ги донесат со интерни акти и прописи, еден дел ќе бидат разгледани на владино ниво, дел ќе одат и во Собрание каде ќе бидат преточени во законски решенија кои ќе се носат со или без двотретинско мнозинство, а еден дел е оставен за дополнителен дијалог помеѓу политичките партии“, објасни Димитриев.

Mazedonien Emil Dimitriev Interims-Premierminister
Емил Димитриев објаснуваше зошто се доцни, експертите реагираат со сомнеж дека ќе бидат спроведени суштински реформиФотографија: MIA

Ваквиот пристап, но и досегашното искуството од „спроведувањето“ на ИРП, отвора сомнеж кај експертите од можноста за спроведување суштински промени.

„Илузорно е да се очекува оти оваа Влада ќе ги исполни Итните реформски приоритети, или какви и да се реформи“, вели Малинка Ристевска Јорданова, директорка на Институтот за европска политика - Скопје.

„Со години сите препораки за реформи не се спроведуваат или се спроведуваат селективно, или уште полошо - се преземаат нови активности кои директно ги урнисуваат реформските цели. Аболицијата е 'најсвеж' еклатантен пример. Документот 'Итни реформски приоритети', кој произлегува од Извештајот на Прибе, наскоро навршува една година. Салдото на реализација е 0, или поточно речено оди во минус, едноставно затоа што состојбите опишани во овој Извештај се уште повеќе влошени. Планот на Владата може да се реализира и 105%, ама суштествено тие активности немаат за резултат подобрување на владеење на правото. Единствен приоритет (и реален план) на Владата е да се избегне соочувањето со правдата, а тоа нема врска со реформи“, вели Јорданова.

Владата посветено работи

Владиниот портпарол, Александар Георгиев, тврди дека Владата во континуитет е посветена на реформите, но заради политичките случувања во последните месеци, од оправдани причини се намалил интензитетот на нивна реализација.

„Во предизборен и изборен период, дејствувањата на институциите се ограничени, а значаен дел на реформи кои се одвиваат низ законски и подзаконски акти не се можни заради законските ограничувања. Како што истакна и премиерот, откога стана извесно дека изборите се пролонгирани, во следниот период ќе се обезбеди сериозна динамика и интензитет на нивното спроведување, во консултација со засегнатите страни и во соработка со меѓународната заедница. Ние и досега во реализација на планот за ИРП соработуваме со Европската Комисија. Досега се испратени два извештаи за процесот на напредок на мерките од овој план, и тоа еден во септември лани, а еден во февруари годинава. Врз основа на тие прегледи се координираат следни активности, како и сферите каде што е потребно поголемо динамизирање“, вели Георгиев.

Како дел од активностите реализирани досега, тој го посочува мораториумот на владино рекламирање; укинувањето на законот за лустрација; измените на Изборниот законик; Нацрт-стратегијата за реформа во правосудство (2016-2020) за која се очекуваат коментари од ЕК; анализата на меѓународните стандарди за оценување на работата на судиите; активности за реформа на јавната администрација според новите законски решенија изработени со ЕК и СИГМА; медотологија за антикорупциска проверка на легислативата; закон за изменување и дополнување на Законот за спречување на интереси; информациски систем за управување со човечки ресурси кој ќе прерасне во Регистар на вработени во јавниот сектор; работна верзија на предлог закон за изменување и дополнување на Законот за следење на комуникациите, како и дел мерки за областа на правосудството. Меѓу нив спаѓа обезбедувањето аудио- визуелна опрема за 19 јавни обвинителства; државна програма за превенција и репресија на корупцијата и појавата на судир на интереси; евиденција за назначување во судовите; упатство за начинот на избор на судии и јавни обвинители кои ќе се испраќаат на престој во Европскиот суд за човекови права; нов закон за Академија за судии и јавни обвинители; нов веб - портал за објавување и брзо пребарување на судските пресуди и други мерки.

Skopje 2014 Makedonija
Невладините организации критикуваат дека Владата само формално се залага за реформиФотографија: DW

На хартија едно, во практика друго

Она што е ставено на хартија, во практика не произведува промени, а се одвива со брзина на желка, велат експерти кои ги следат активностите за спроведувањето на ИПР. Од невладините организации, пак, посочуваат дека не се вклучени во консултациите, како што е предвидено со Договорот од Пржино. „Акцискиот план е направен уште минатата година по донесувањето на Пржинскиот договор, но досега не ги напушти канцелариите на владиниот Секретаријат за европски прашања, за да биде консултиран со другите партии, граѓанските организации и експертите“, вели Бојан Маричиќ, извршен директор на Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО).

„Ако тој и таков Акциски план сега да биде гарант за реформските потфати на оваа влада, тогаш уште отсега го знаеме неговиот резултат. За успешен план потребна е широка консултација и општествен консензус, а не уште една тура глумење реформи, бидејќи таа претстава многу пати сме ја гледале. Планот за реформи на Емил Димитриев е уште еден обид за создавање привид дека владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ може да прави суштински реформи. Тој обид би бил успешен само ако не ги знаевме претходните празни реформски ветувања на оваа владејачка гарнитура. Ако постоеше капацитет и политичка волја кај неа за вистински реформи, тие и досега ќе ги реализираа. За жал, сите овие години сведочевме дека секое ветување за нов реформски циклус завршуваше со куп неисполнети суштински обврски и продлабочени проблеми, наспроти куп убави ветувањата пред меѓународната заедница“, оценува Маричиќ.

Тој потсетува дека истото се случило и со Пристапниот дијалог на високо ниво (ПДВН) кој ЕУ трпеливо се обидуваше да го одржи во живот со многу вакви планови, но денес веќе никој не се сеќава на тој процес.

„Пристапот на формално владино залагање за реформи, а суштинско поткопување на секој обид за какво било реформирање, го сведочевме и за време на спроведувањето на Пржинскиот договор, кој токму заради ваквиот нечесен пристап е доведен во ќорсокак. Преодната влада од Пржинскиот договор беше воспоставена како резултат на недовербата кон владејачката коалиција дека сака суштински реформи во најгорливите области. Тогаш, кој би имал илузија дека гарнитурата која е извор на политичката криза, ќе има сили и волја да се реформира и обезвласти преку воведување, на пример, механизми за одвојување на државата и партијата, кога токму таа гарнитура го усоврши системот на заробување на институциите во партиските канџи“, дециден е Маричиќ.