1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

’Неопислива приказна‘

Разговорот го водеше Мартин Шрадер30 јануари 2009

Битерфелд некогаш се сметаше за најзагаден град во ГДР. Но, тоа е минато. Дваесет години по падот на Берлинскиот ѕид, луѓето во Битерфелд се занимаваат со сосем други теми, како што раскажува градоначалникот Хорст Тишер.

https://p.dw.com/p/GjLm
Градот Битерфелд-Волфен
Градоначалникот Хорст Тишер (десно) им го покажува на посетителите „неговиот“ БитерфелдФотографија: Stadt Bitterfeld-Wolfen

Господине Тишер, како го оценувате развојот на Битерфелд по падот на Берлинскиот ѕид?

Хорст Тишер: За да биде сосем јасно кажано - ова е, всушност, приказна што не може да се опише. Мора да потсетам дека во моментот на пресвртот, Битерфелд го биеше глас на најнечист град во ГДР. Ако сега нашиот регион се спореди со тогашното време, развојот е речиси неверојатен.

Сосем без негативни страни?

Тој развој, се разбира, нема само позитивни страни. Во времето на пресвртот имавме приближно 75.000 работни места. Најголемиот дел од нив се загубени. Но, денес имаме впечатлива бројка од околу 40.000 до 45.000 работни места. Успеавме да ја реконструираме хемиската бранша.

Тоа е доволно за луѓето во Битерфелд?

И аспирациите на луѓето, се разбира, пораснаа, така што не може да се зборува за чисто задоволство. Но, велам, нестрпливоста и барањето за повеќе можат и позитивно да дејствуваат.

Кои се најдобрите примери што покажуваат што доби Битерфелд во овие 20 години?

Во индустриската зона се здружени двете поранешни големи индустриски гранки овде - хемиската и филмската индустрија. Терените на обете претпријатија, една огромна површина, се целосно санирани. Беа отстранети сите отровни елементи од почвата и зданијата и беше создадено место за нови индустриски постројки.

На пример?

Фабриката на „Бајер“ во хемискиот комплекс во Битерфелд
Хемиската фабрика „Бајер“Фотографија: Stadt Bitterfeld-Wolfen

Тука се сместија големи фирми како „Бајер АГ“, кој овде го произведува добро познатиот аспирин. Покрај тоа, има и оддели од претпријатија во кои се произведуваат бои и слични работи. Имаме и голема американска фабрика за рамно стакло. Широко им ги отворивме вратите и на неколку помали претпријатија.

Каква е ситуацијата со заштитата на природната околина при толкав индустриски комплекс?

Пример за развојот на Битерфелд е ренатурализирањето на Гојче, големиот површински коп во близината на градот. Дупката од копот денес е полна со вода, при што малку потпомогна и големата поплава што не’ снајде во 2002 година. Така Битерфелд денес е град што има езеро.

Веќе рековте дека се загубени поголем број работни места. Што уште загуби Битерфелд во изминативе 20 години, по што жалите Вие?

Се разбира, по луѓето што го напуштаат нашиот регион, тоа се токму најфлексибилните и најдинамичните, исто така и најобразовани и најмлади луѓе. Стареењето, што го зафаќа овој регион, е точка што по малку не’ загрижува. Но, со фирмите што се сместуваат овде, на пример, во Соларната долина (Solar Valley) (името доаѓа како пандан од Силиконската долина во САД, што е главен центар за производство на компјутерска технологија), забележуваме дека повторно доаѓаат луѓе кои тука наоѓаат работа.

Во 2007 година Битерфелд се здружи со неколку соседни општини во општината Битерфелд-Волфен. Зошто?

Пристаништето во Битерфелд
Бродови на езерото ГојчеФотографија: Stadt Bitterfeld-Wolfen

Таа фузија не’ преокупираше веќе подолго време. Уште многу пред да дојде до фузијата често се зборуваше за регионот Битерфелд-Волфен. Фузијата има врска со тоа што теренот на нашиот индустриски комплекс се протега преку пет општински граници, кои со тоа практично се споија. Така се роди желбата да се овозможи побрза обработка на барањата за создавање нови претпријатија. Општините беа меѓусебно толку блиску една до друга, што веќе воопшто не се разликуваа границите меѓу градот и општините. Малку притисок од индустријата, малку освестување на одговорните во политиката - тоа на крајот доведе дотаму да најдеме заеднички јазик и да се споиме.

Ова звучи како принуден брак!?

Јас тоа вака би го формулирал: на почетокот секоја фузија создава тешкотии. Ние се’ уште се бориме со нив. Но, јас сум цврсто убеден дека ќе ги надминеме. Навистина, долг е патот додека спојувањето на општините да стигне во главите на сите луѓе. Во минатото имаше и соперништво, пред се’ меѓу градовите Битерфелд и Волфен. Тоа мора да биде надминато. Но, сметам дека потоа ќе можеме да извлечеме добри ефекти од оваа фузија.

Фрлете поглед кон иднината: како го гледате развојот на Битерфелд-Волфен во наредните пет до десет години?

Ние и натаму се обидуваме да го унапредуваме развојот, специјално во Соларната долина и во индустрискиот комплекс, а се трудиме и околу натамошното докомплетирање на можностите за одмор на езерото Гојче - сето со разумен маркетинг. Но, тоа ќе мора да се развива стрпливо и во јасен договор со населението. Нема да има брз и ненадеен пораст, како што беше набргу по пресвртот. Нашата иднина и натаму сакаме да ја насочуваме кон визијата на Битерфелд како индустриски град на брегот на езерото.