1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И без „нуклеарките“ за Германија нема криза

9 февруари 2012

Германија трајно исклучи 8 атомски централи, па сепак и во екстремно студеното време нема проблеми во снабдувањето со струја.

https://p.dw.com/p/13z3Z
Фотографија: dapd

„Сибирскиот“ студ предизвика проблеми во снабдувањето со електрична енергија во многу европски земји поради драстично зголемената потрошувачка, како и поради проблемите на преносните мрежи од обилните снежни врнежи. Во Германија нема таква криза, иако до пред неколку месеци токму за вакви ситуации беа навестувани „црни сценарија“.

Кога лани во почетокот на годината беа исклучени 8 германски атомски централи, шефовите на големите енергетски концерни РВЕ и Еон кобеа: „Германија во иднина ќе мора да увезува струја, на пример од Франција, која се потпира врз користењето атомска енергија, инаку и’ се заканува прекин на испораката - особено при екстремни временски услови“, “Стабилноста на мрежата ќе се најде во опасност“. Сега имаме таква екстремна ситуација, но не и пророкуваните проблеми - напротив!

Токму Франција, најголемиот производител на струја од атомски централи, повика на штедење на енергија, но и исклучување на домашни апарати, дури и телевизори и компјутери! Франција е таа која мора да увезува струја.

За Европа - струја „Мејд ин Џермани“

Германија извезува струја - и без осумте „нуклеарки“. Минатата година извозот достигна  6 илјади гигавати нето. Околу три четвртини од производните капацитети на исклучените атомски централи се надоместени од други домашни извори, еден добар дел со обновливи енергии. Нивниот удел во вкупното производство на струја во Германија, според наводите на Сојузното здружение за енергетика и водостопанство изнесува околу 20 проценти.

Од фирмата ТенНет, која управува со високонапонска преносна мрежа од 10700 километри, велат дека „ситуацијата е напната, но не е критична“. За одржување на стабилната понуда особено помагаат постројките за користење сончева енергија на југот на Германија. Сите централи се во погон, но оптоварувањето не е екстремно високо. За да настанат проблеми би морало уште подолго време да биде уште постудено, со дневни температури пониски од минус десет степени, проценуват во Амприон, фирма која управува со преносна мрежа од 12 илјади километри. Но, во моментов се’ оди нормално, велат, и состојбата во преносната мрежа е стабилна.

Future Now Projekt Biokunststoffe Bild 8 Kraftwerk
Фотографија: DW

Нужно е доградување на мрежата

Стабилноста на мрежите никако не ја исклучува потребата од нивното ширење, особено поради се’ поголемиот удел на енергија од обновливи извори. Сонцето и ветрот не нудат константно енергија, а еколошките постројки се многу осетливи и автоматски се исклучуваат ако фреквенцијата во мреќата надмина или падне под една гранична вредност. Количеството на произведената и побаруваната електрична енергија во преносната мрежа мора постојано да се во рамнотежа, поради што е голема потребата од регулирање. 

Поради силните варирања во производството на струја, дел од струјата од Германија се упатува во мрежите на соседните земји. Во Германија пред се’ недостасува мрежна врска меѓу северниот и јужниот дел. Кога е ветрот силен, може да се случи на север произведената струја да стигне до југот на Германија преку Полска, Чешка и Австрија! Соседите не се многу одушевени од такви текови, оти тие ги оптоваруваат нивните преносни мрежи. Може да дојде и до парадоксални ситуации, на север и на исток да се извезува вишокот на струја по багателна цена, а југот на Германија да зависи од помошта од Австрија! Покрај старите германски централи на погон на јаглен и гас, во таканаречената „студена резерва“ за премостување на „тесните грла“ во снабдувањето спаѓаат и австриските централи. Со оглед на тоа дека во наредните години ќе бидат исклучени и други атомски централи, доградбата на преносната мрежа е „заповед на мигот“.

Автор: Инза Вреде / Зоран Јордановски

Редактор: Борис Георгиевски