1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И вториот атентатор „зад решетки“

24 август 2006

Три ипол недели по обидот за атентат врз два регионални воза во Германија и пет денови по апсењето на првиот, уапсен е и вториот осомничен за подметнување на бомбите

https://p.dw.com/p/Ac3o
Хамад на полициска плакат-потерница
Хамад на полициска плакат-потерницаФотографија: AP

Според соопштението на Сојузното обвинителство од Карлсруе, 20-годишниот Џихад Хамад изутрината самиот и’ се предал на полицијата во либанскиот град Триполи. Истражниот судија на Сојузниот кривичен суд вчера издаде налог за апсење на Џихад Хамад под сомнение за членство во терористичко здружение и обид за повеќекратно убиство. Властите сметаат дека Хамад, заедно со Јусеф Мохамад, кој беше уапсен во саботата во Кил, како и со други непознати сторители, ги планирале бомбашките атентати во регионалните возови.

Канцеларот Ангела Меркел искажа олеснување по веста за апсењето на вториот осомничен: „Јасно беше дека се’ додека не биде фатен, и натаму постоеше опасност“ – рече Меркел. Таа искажа убедување дека ќе нема никакви проблеми во врска со неговото израчување, со оглед на тоа дека соработката со либанските власти севкупно добро функционира. Меркел ја пофали и работата на тајните служби.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, пак, неколку минути по добивањето на веста, изјави: „Се разбира дека, како прво, се радувам што се случува оваа форма на меѓународна соработка, дека е толку ефикасна, и, сосем особено, дека е фатен атентаторот“.

Хамад, според обвинителството, го подметнал куферот со бомбата во возот од Ахен за Хам. Во временски усогласениот обид за напади Јусеф Мохамад го поставил куферот-бомба во возот од Мехненгладбах кон Кобленц. Обајцата се снимени од камерите за надгледување на железничката станица во Келн. Бомбите не експлодираа само поради техничка грешка во монтажата. Јусеф Мохамед е во истражен затвор во Берлин, каде е сослушуван од Сојузната полиција БКА.

Сојузниот генерален обвинител Моника Хармс ќе побара израчување на Џихад Хамад. Рајнер Гризбах, од Одделот за тероризам при Сојузното обвинителство, ги објасни наредните чекори: „Според вообичаената постапка, ние во Бејрут ќе испратиме истражни функционери - веројатно и некој државен обвинител, за да ја придружуваат тамошната истрага и да го подготват она што секогаш се случува во вакви ситуации – ние, имено, ќе поднесеме барање за екстрадиција. Потоа ќе се решава за барањето, и ако биде прифатено, ќе се утврди кога и под кој предуслови тој ќе дојде во Сојузна Република Германија“.

Според Гризбах, германските претставници уште вечер ќе отпатуваат за Либан. Тој проценува дека Хамад, кој во меѓувреме е префрлен во Бејрут, им се предал на либанските власти врз основа на притисокот од истрагата. При претсресот на станот во Келн во кој живее, според Гризбах биле најдени кабли, лепак, сметки за купување на боци за гас – нејасно е дали станува збор токму за тие што беа користени како бомби.

Инаку, Хајно Фалдик, раководител на покраинската Служба за заштита на уставот од Хамбург, проценува дека во Германија живеат околу 300 приврзеници на Хезболах, од кои околу 25 претсојуваат во Хамбург.