1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Германија сака во шпионското друштво

Михаел Книге / Б. Георгиевски5 ноември 2013

И покрај јавно манифестираниот бес поради шпионирањето на НСА, официјален Берлин веројатно не е толку заинтересиран да ги спречи активностите на американската служба. Напротив, Германија сака да му се приклучи на клубот.

https://p.dw.com/p/1ABlR
Фотографија: Reuters

Во август годинава, два месеци по посетата на Барак Обама и неколку недели пред сојузните парламентарни избори, кога беше откриено масовното шпионирање од страна на НСА во Германија, во Берлин беше подготвен план за ублажување на скандалот.

Шефот на кабинет на канцеларката Меркел и одговорен за проблематиката на разузнувањето, Роналд Пофала ја претстави идејата на 12 август. Германија треба да потпише договор за меѓусебно нешпионирање со САД, им изјави тој на новинарите, додавајќи дека американските и британските служби му гарантирале написмено дека не ги прекршиле германските закони. Сумирајќи го предлогот, Пофала ќе оцени дека предложениот договор за нешпионирање е уникатна можност да се постават заеднички стандарди за западните тајни служби, а потоа и ја прогласи за завршена аферата со НСА.

BND Berlin Schriftzug
Седиштето на германската разузнувачка служба БНДФотографија: picture-alliance/dpa

Влез во „елитното“ друштво

Три месеци подоцна, скандалот со НСА е далеку од завршен. Напротив, тој стигна и до канцеларката Меркел. Но, и планираниот договор за нешпионирање е актуелен и се очекува да биде финализиран на почетокот на 2014. година. Највисоките германски разузнувачки претставници во моментов се во САД каде преговараат за тој договор. Она што е јасно е дека по 11 септември е нереално да се очекува дека САД ќе престанат со своите шпионски операции во Германија. Наместо тоа, поизгледно е да се очекува дека Берлин и Вашингтон својот договор ќе го градат врз веќе постоечкиот сличен договор кој постои меѓу САД, Велика Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд, т.н. Алијанса Пет Очи „Five Eyes alliance“.

Познато е дека членките на оваа алијанса не се шпионираат меѓусебно, а кога тоа го прават, вообичаено е за тоа да се информираат партнерите. Од германски аспект, тоа може да биде добра опција. Од една страна ќе се смири јавното мислење со тврдењето дека се запрени нелегалните активности на САД, а од друга ќе се овозможи соработката да продолжи.

Snowden Unterstützer in Berlin 04.07.2013
Протести против активностите на НСА во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa

Домашни илузии

Всушност, влезот во „Five Eyes“, а не запирање на американските активности, е токму и целта на Берлин, тврдат американски аналитичари. „Јавните прекори се само илузија со која треба да се смири домашната, германска, сцена“, вели Џон Шиндлер, професор за безбедносни прашања на американскиот Воен колеџ и поранешен експерт на НСА.

Канцеларката Меркел ги препознава опасностите од шпионирањето, но истовремено таа смета дека е добро за државите да можат заеднички да ги добиваат овие информации, вели Хенри Фарел, професор по политички науки и меѓународни односи на Универзитетот Џорџ Вашингтон. „Оттука сметам дека идеалната опција за Меркел е договор со кој Германија ќе биде примена во алијансата, со што земјата ќе добие далеку поголем пристап до податоци, а во истовреме ќе ги оневозможи САД и Велика Британија да ја шпионираат нејзината земја“.

Од гледна точка на германските безбедносни служби, членството во алијансата е посакувано. „БНД и БфВ сѐ и онака зависни од американското разузнување“, вели Шиндлер, кој смета дека американските служби во принцип не добиваат ништо за возврат од евентуален договор, но тој би го намалил политичкиот притисок врз Вашингтон по серијата меѓународни скандали.

Зависност од САД

„Можам да замислам колку германската влада сака да добие пристап до информациите со кои располага алијансата Five Eyes, благодарение на масовното прислушкување на граѓаните од земји низ целиот свет“, вели Бери Ајзлер, поранешен оперативец на ЦИА.

Bundeskanzlerin Merkel NSA Überwachung Obama
Германската канцеларка Меркел и американскиот претседател ОбамаФотографија: Getty Images

Но, влезот на Германија во алијансата не зависи само од САД, туку и од Велика Британија, која исто така мора да даде одобрение. „Не верувам дека Вашингтон, или Лондон се расположени да ја прошират алијансата со Германија или Франција“, вели Шиндлер.

Уште поважно, ќе биде политички многу тешко за Берлин да заговара влез во најголемиот светски шпионски клуб, а во истовреме јавно да ги критикува таквите практики. Тешко дека е случајност фактот што во сите јавни критики за сметка на шпионирањето, германските политичари се насочија исклучиво кон САД, а алијансата Five Eyes воопшто не ја споменуваат. За Берлин, договорот за нешпионирање со САД е политички поактуелен и полесен за договарање, а во истовреме му носи голем бенефит. Откако ќе биде утврден пактот со Вашингтон, членството во алијансата би можел да биде следниот чекор.