1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Saudi-Arabien Proteste

11 март 2011

Арапската револуција тропа на портите и на богатата Саудиска Арабија. На истокот на земјата, синоќа имаше улични протести, а за денеска е закажан „Ден на гневот“.

https://p.dw.com/p/10XUX
Џамија во градот МединаФотографија: picture-alliance / dpa

Катиф, на истокот на Саудиска Арабија, е еден од градовите во кои доминира шиитското население, кое инаку сочинува само 10% од вкупното население на земјата. Сунитското мнозинство има претежно понижувачки став кон шиитите во земјата. Вахабизмот, кој е државна религија во Кралството, има построго толкување на исламот, а на повеќе места дури и му противречи на она на шаријата.

Разни облици на дискриминација

Младите момци од Катиф раскажуваат дека се изложени на повеќе видови дискриминација. Еден од нив седи навечер во кафуле на шеталиштето покрај морето, пие чај и раскажува дека долго работи во една фирма и дека без лажна скромност е еден од најдобрите во неговото подрачје. Но, често се случува да дојде некој нов колега кој штотуку дипломирал и да добие подобра позиција во фирмата - само затоа што е сунит. Друг, пак, раскажува како во училиште наставниците знаеле да прават проверка на знаењето токму во деновите кога паѓаат шиитските верски празници и учениците од шиитска вероисповест не се толку добро подготвени.

Prinz Saud el Faisal Außenminister von Saudi Arabien
Министерот за надворешни работи Сауд ал ФајсалФотографија: AP

Пример од соседството

Недалеку од градот Катиф, веднаш преку мостот, се наоѓа Кралството Бахрaин. Таму шиитското население веќе со недели излегува на улици и го блокира главниот плоштад. На почетокот на неделава саудиската влада предупреди дека сите облици на демонстрации во земјата се строго забранети. Но, граѓаните на Катиф се оглушија на забраната и во повеќе наврати излегоа на протестни собири. Тоа не престана дури ни откако власта како знак на добра волја пушти од затвор еден угледен шиитски проповедник, кој бараше воведување на уставна монархија во Саудиска Арабија. На ваквото барање се приклучи и една група саудиски интелектуалци, барајќи устав кој ќе пропишува еднакви права за сите граѓани. Младите, пак, создадоа сопствена петиција со слични барања.

Повикот за промени значи доаѓа од повеќе страни, но затоа одговорот на саудискиот министер за надворешни работи, Сауд Ал Фајсал е еднозначен: „Најдоброто средство граѓанинот да ги постигне целите е дијалогот. Сеедно дали на истокот, југот, западот или северот на земјата, дијалогот води кон решение!“

Deutschland Saudi Arabien König Abdullah trägt sich ins goldene Buch der Stadt Berlin
Кралот АбдулаФотографија: AP

Тревога на кралскиот двор

Кралот на Саудиска Арабија, Абдула, веднаш по враќањето од операцијата во САД потпиша декрет, со кој се издвојуваат цели 37 милијарди долари во полза на граѓаните. Тие треба да се слеат во покачувањето на платите за државните службеници, како и во поволни кредити за градење куќи и станови. Наспроти тоа повеќе опозициски групи во земјата повикуваат и понатаму на „револуција на 11 март“. Само една од нив на социјалната мрежа Фејсбук има поддршка од преку 30.000 лица.

Властите во меѓувреме се обидуваат да и’ ги потсечат крилјата на револуцијата во земјата, ширејќи ја теоријата на заговор на странските сили, кои целно предизвикуваат револт во арапските земји. Шефот на дипломатијата Ал Фајсал има јасна порака и за овој аспект од настаните: „ќе им го исечеме прстот на сите оние, кои се мешаат во внатрешните работи на Саудиска Арабија“. Со и без ваквите закани во градот Катиф луѓето и понатаму излегуваат на улица. За денеска е закажан „ден на гневот“!

Автор: Естер Сауб / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска