1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И застојот кон ЕУ ги полни гласачките кутии

20 октомври 2021

Покрај незадоволство од владеењето на локално ниво, и неиспорачаното ветување за напредок во ЕУ се одрази на поддршката за агендата на владејачката коалиција.

https://p.dw.com/p/41tq1
Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahlen
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Одлагањето во официјалниот старт на преговорите за членство има негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ, предупреди вчера Европската Комисија во Извештајот за Северна Македонија. Но првиот круг од локалните избори во земјата веќе предупреди дека отсуството на почеток на преговори најпрво го наруши кредибилетот на партиите од власта, кои вложија многу на картата на интеграциите.

Колку бугарската блокада и неуспешниот старт на преговорите со ЕУ се одрази на резултатите од локалните избори?

Според Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика - Скопје, резултатите на локалните избори, покрај тоа што се одговор на граѓаните во однос на досегашното управување на локално ниво, секогаш се испреплетени и со политиката на централно ниво. „Блокадата од Бугарија и стагнацијата во пристапниот процес во услови на подигнати очекувања несомнено доведоа до разочарување на граѓаните, кое се одрази и на овие избори на штета на владејачката СДСМ. Ова разочарување со ЕУ пошироко е видливо и во анкетите за јавното мислење и се одрази и на поддршката за агендата на владејачката коалиција, која е цврсто испреплетена со неиспорачано ветување за напредок во ЕУ. Сепак, овој фактор мора да се анализира заедно со очигледното незадоволство од владеењето на локално ниво“, вели Кацарска.

Simonida Kacarska | Direktorin des Instituts für Europapolitik in Skopje Nord-Mazedonien
Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика - СкопјеФотографија: Darko Malinovski

Повеќе: 

Жестока изборна шлаканица за СДСМ

Дојдоа, видоа, изгубија - кој освои помалку од 100 гласови на локалните избори?

Локални избори со интеграциски теми

Локалните причини, секако, не се игнорираат, но во кампањата тие беа речиси „рамо до рамо“ со критиките до власта за надворешнополитичките теми. Прашањата - „Каде е сега почетокот на преговори со ЕУ?“, „Дали го сменивме името за повторно да бидеме во чекалницата?“ и бројните обвинувања за „распродажба на име и историја“ во пакет со последиците од бугарското вето, оставија своја трага во гласачите кутии.

Лидерот на владејачкиот Демократски Сојуз, Павле Трајанов, вели дека резултатите во првиот круг сигурно се должат и на затворањето на вратите на Европската Унија за земјите од Западен Балкан, меѓу кои и за Македонија. Тој ги посочува болните реформи и тешките отстапки што ги направила земјата, но и блокадите од Бугарија, која според Трајанов, не е сама во таа одлука.

Pavle Trajanov -  ehemaliger Innenminister Nord-Mazedoniens
Павле Трајанов, лидер на Демократски СојузФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Како расте евроскептицизмот, така поддршката на Владата и на партиите од власта се намалува, а приемот во НАТО сѐ уште го нема очекуваниот ефект кај граѓаните, со зголемување на странски инвестиции и повисок животен стандард“, вели лидерот на ДС.

Смета дека по завршувањето на изборниот процес се неопходни темелни анализи во партиските штабови, посебно кај партиите кои постигнаа послаби резултати.

„Сигурно е дека ќе има и редефинирање на политиките, кадровски промени, па дури може да се разговара и за предвремени парламентарни избори. Но, не треба да се прејудицираат натамошните случувања, затоа што се работи за локални избори на кои се бираат градоначалници и совети на општините, а не централна власт, која има мандат уште две години и девет месеци. Во Франција, Германија, Англија, па и во балканските држави, локалните избори не се поврзуваат со опстојување на владата или на претседателската функција“, потенцира Трајанов.

Но, блокадата во ЕУ, е само еден од факторите кој се одразил на резултатот на социјалдемократите. Амбасадорот Денко Малески причините ги лоцира и во односот кон Преспанскиот договор.

„Во своето брилијантно историско дело ‘Падот на римското царство’, Едвард Гибон пишува за римски цар кој склучил непопуларен договор со непријателите, спасувајќи ја државата и народот од пропаст. Но, како што минувало времето и како што минувала опасноста од војна, сѐ повеќе растела омразата на народот со повредено достоинство, кон царот кој го спасил Рим. Нешто слично му се случува на премиерот на Македонија со Преспанскиот договор и промената на името на државата“, пишува Малески во колумна.

Europaparlament der Mazedonische Premierminister Zoran Zaev
Колку бугарската блокада и неуспешниот старт на преговорите со ЕУ се одрази на резултатите од локалните избори? Фотографија: Getty Images/AFP/F. Florin

Кој вели - да, кој – не

Експертите потенцираат дека не треба да се заборави дека тие договори станаа политичкиот клуч кој ѝ ги отвори вратите на земјата за членство во НАТО, и дека заради сегашната блокада земјата не треба не треба да запре на патот кон ЕУ. Додека партиите од власта ги собираат горчливите плодови од нерализирани ветувања на европскиот пат, во Софија остануваат непременети позциите кон спорот со Скопје.

Во интервју за бугарскиот весник „Дневник“, Флоранс Робин, амбасадорка на Франција во Софија, земја која од први јануари 2022 година ќе го преземе претседавањето со Советот на ЕУ, ги разбива илузиите дека и Париз имал причини за вето за Албанија и Северна Македонија. Запрашана кои се, и колку француските причини за „не“ се совпаѓаат со причините за бугарското „не“, амбасадорката вели дека нема такво нешто.

„Веднаш да појаснам - Франција во ниеден случај не кажала ‘не’. Напротив, ние јасно ја поддржуваме европската перспектива на Западен Балкан. И ако пред неколку месеци едноставно потсетивме на нашата позиција на повисок глас, тоа не е затоа што сакаме да го попречуваме пристапувањето на Западен Балкан во ЕУ, туку да појасниме дека тоа мора да се случи во нова рамка. Зборовите на Франција беа ‘да’ за интеграција на Западен Балкан, ‘не’ за интеграција во оваа рамка на преговори. Побаравме да се направат важни промени и тоа се случи. Прво, многу појасно да бидат прецизирани условите кои треба да се исполнат за влегување во ЕУ“, вели Робин.

Повеќе:Османи: Внесувањето на Бугарите во Уставот ќе им даде можност да го изразат својот идентитет

Таа потсетува дека рамката предвидува важна можност за реверзибилност во процесот.

„Фактот што си го одбележал како исполнет еден услов на списокот, не значи дека тоа е засекогаш. Ако нешто се промени во меѓувреме – ако има отстапување во однос на владеење на правото, човековите права, основните вредности на Унијата - ние исто така треба да можеме да можеме да се вратиме и да кажеме дека оваа клаузула веќе не се исполнува од страна на земјата кандидат. Добивме согласност за преразгледување на рамката за преговори со земјите кандидати. Од тој момент, за нас сѐ е можно. Уште еднаш велам - Франција е за европската перспектива на Западен Балкан, но не под секакви услови, туку со исполнување на она за што зборуваме. Свесни сме дека има сложени ситуации во регионот, нерешени спорови... Искрено сакаме да помогнеме за нивно решавање, за да се постигне поголема европска интеграција на сите тие земји“, вели Робин.