1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И израелската влада ја поддржа резолуцијата на ОН

13 август 2006

Според владини извори во Ерусалим, на апелот на премиерот Ехуд Олмерт се одзваа сите освен еден министер во кабинетот. Тоа е поранешниот министер за одбрана Шаул Мофаз.

https://p.dw.com/p/Ac45
Израелскиот премиер Ехуд Олмерт
Израелскиот премиер Ехуд ОлмертФотографија: AP

Во меѓувреме израелската армија ја засили уште еднаш офанзивата на југот на Либан, пред утре во 7 часот по средноевропско време да стапи на сила примирјето што го издејствува генералниот секретар на ОН, Кофи Анан.

Израелските воени авиони пред околу еден час извршија голем напад врз јужното предградие на Либанскиот главен град Бејрут, што главно го контролираат приврзаници на Хизболах милицијата. Околу 18 експлозии одеднаш силно го потресоа целиот град, по што на небото над Бејрут се кренаа големи облаци чад.

Информации за тешки борби пристигаат и од Јужен Либан, каде израелската армија ја продолжува голема копнена офанзива против позициите на Хизболах. Арапската ТВ станица Ал Арабија извести за седум нови израелски војници, кои ги загубиле животите во жестоките судири. Во операцијата учествуваат околу 30.000 израелски војници, кои се обидуваат да ја уништат инфраструктурата на Хизболах на југот од земјата и да ги спречат ракетирањата на северниот дел од Израел. Само во текот на денешниот ден преку 150 проектили од типот каќуша го погодија северен Израел, при што животот го загуби еден 70-годишен Израелец, а 11 лица беа повредени.

Експертите го толкуваат засилувањето на офанзивата како последен обид на израелската армија да уништи што е можно повеќе од позициите на Хизболах пред да стапи на сила примирјето.