1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Македонци вмешани во компјутерски криминал

Александар Методијев/макфакс/миа27 јуни 2012

Во најголемата операција против компјутерскиот криминал во историјата, американските разузнавачки служби уапсија 24 лица во САД и осум други земји. Штетата се проценува во вкупна вредност над 205 милиони долари.

https://p.dw.com/p/15Luk
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сослушувања на осомничени лица, извршување претреси или други координирани акции се’ уште се водат во Македонија, Австралија, Канада и Данска. Единаесет луѓе се уапсени во САД, шест во Велика Британија, двајца во БиХ и по еден во Бугарија, Норвешка, Германија, Италија и Јапонија. Агентите на ФБИ спречиле загуби од околу 200 милиони долари од над 411.000 кредитни и дебитни картички.

Уапсените се обвинети за користење на интернетот за измама со кредитни картички, банкарски сметки и лични податоци на потенцијални жртви низ целиот свет. По двегодишна истрага, во која агенти на ФБИ на форуми се претставувале како хакери, осомничените лица биле откриени. Тие се на возраст меѓу 18 и 25 години. Ним можат да им следуваат казни и до 40 години затвор, јавуваат американски медиуми. Еден од уапсените во САД, Мир Ислам, со он-лајн прекар „JoshTheGod“, е обвинет за шверц на 50.000 украдени броеви на кредитни картички.

Резултатите од оваа операција ги објави во вторникот федералниот обвинител на Јужниот округ на Њујорк Прит Бхарара и заменикот директор на њујоршката канцеларија на американското Федерално биро за истраги ФБИ Џенис К. Федарчик.

Откривањето и гонењето на сајбер криминалците, како оние коишто се осомничени и обвинети, а кое ќе продолжи и натаму, бара јасен и координиран пристап и меѓународна соработка, изјави Бхарара.

„Чепкачите“, како што ги нарекува американската полција овие криминалци, краделе лични и други податоци не само со помош на шпионски комјутерски софтвер, туку исто така упаѓале и во базите на податоци на банки, хотели, трговски друштва, а потоа податоците ги продавале низ мрежата.