1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Филм

И, Оскарот оди во рацете на ... мхм...

ЕМФ / дв
27 февруари 2017

Огромна грешка на доделувањето на Оскарот: прво за најдобар филм беше прогласен „Ла Ла Ленд“, а потоа „Месечева светлина“. Церемонијата на доделувањето не беше толку политичка, колку што се претпоставуваше.

https://p.dw.com/p/2YIoZ
Los Angeles Oscars 89. Academy Awards
Фотографија: Reuters/L. Nicholson

Доделувањето на Оскарот беше хаотично и тоа токму во т.н. кралска категорија: најдобар филм. Актерот Ворен Бити беше збунет и неколку секунди гледаше во картичката што ја има в раце, за потоа неговата колешка Феј Данавеј да го прогласи „Ла Ла Ленд“ за најдобар филм. Но, тоа беше коригирано од страна на Филмската академија. Вистинскиот победник е „Месечева светлина“. Целата забуна најверојатно настана поради замена на пликовите со имињата на добитниците. Авторите на „Ла Ла Ленд“ веќе беа на пат кон бината, кога грешката беше согледана и исправена.

Големата забуна на Оскарот

Претходно, Оскарот за најдобра режија му беше доделен на Демиен Шазел за мјузиклот „Ла Ла Ленд“. Тој е најмладиот режисер кој досега освоил Оскар. За најдобар актер е прогласен Кејси Афлек за главната улога во филмот „Манчестер покрај море“, додека во женска конкуренција за најдобра е прогласена Ема Стоун за улогата во „Ла Ла Ленд“.

Los Angeles Oscars 89. Academy Awards
Демиен Шазел, најмлад добитник на Оскарот за режија досегаФотографија: Getty Images/AFP/M. Ralston

Првиот Оскар на вечерта отиде во рацете на Махершала Али во категоријата најдобра споредна улога. Американскиот актер Оскарот го доби за своето остварување во филмот „Месечева светлина“, кој со осум номинации во трката за Оскарите влезе како еден од најголемите фаворити. Режисерот Бери Џенкинс го има напишано сценариото сам, а како што истакна во повеќе интервјуа, тоа содржи многу автобиографски елементи. Махершала глуми дилер на дрога со големо срце.

Изненадување на вечерта беше Виола Дејвис, која е прогласена за најдобра актерка во категоријата споредна женска улога. Оскарот го заслужи со своето остварување во филмот „Огради“. Таа низ солзи се заблагодари за храбрата одлука на Академијата и побара сите да се држат до своите соништа.

Los Angeles Oscars 89. Academy Awards
Махершала АлиФотографија: Reuters/L. Nicholson

Германскиот филм „Тони Ердман“ на режисерката Марен Аде и покрај големите пофалби пред доделувањето на Оскарите, не успеа да ја добие престижната статуетка. За најдобар странски филм е прогласен „Продавачот“ на иранскиот режисер Асгар Фархади. Ова е втор Оскар за Фархади, кој првата статуетка ја освои во 2012 година со филмот „Надер и Симин - разделба“. Фархади не присуствуваше на доделувањето на Оскарите од протест поради одлуките на американскиот претседател Доналд Трамп. „Моето отсуство е поради респект кон жителите на мојата земја и шесте други земји на кои им се изразува презир со нечовечката забрана за влез во САД“, се вели во пораката на иранскиот режисер прочитана на бината.

Los Angeles Oscars 89. Academy Awards
Џими Кимел: „Знаев дека ќе зафркнам“Фотографија: Reuters/L. Nicholson

Гала церемонијата на доделување на Оскарите ја водеше ток-шоу мајсторот Џими Кимел, кој на почетокот не можеше да се воздржи од неколку вицови на сметка на Трамп. Сепак, вечерта генерално не беше толку политичка колку што се претпоставуваше. На крајот, по големата грешка со прогласувањето на најдобриот филм, Кимел сѐ си префрли на свој грб и рече: „Знаев дека ќе го зафркнам шоуто. Ветувам дека веќе никогаш нема да дојдам.“