1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И покрај кризата во ЕУ, ЕУЛЕКС останува на Косово

АМ/бета/миа30 јули 2013

И покрај економските тешкотии внатре во ЕУ, меѓу нејзините политичари не постои волја да се прекине работата на мисијата ЕУЛЕКС на Косово во јуни следната година. Затоа, се очекува нејзина реорганизација.

https://p.dw.com/p/19HDr

„Ќе има промени, но не и згаснување на мисијата“, изјави за приштинскиот весник „Трибуна“ неименуван висок претставник на ЕУ.

Реорганизацијата ќе подразбира од мисијата на ЕУЛЕКС да се издвои како посебно тело сегашната екипа на обвинители и истражители, која работи на наводите за трговија со човечки органи врз основа на извештајот на Дик Марти. Засега е нејасно дали тој дел од мисијата ќе се занимава само со наводите во извештајот на Марти или, пак, ќе биде проширен во некој вид на суд за воени злосторства извршени во Косово. Таа мисија би останала под надлежност на ЕУ, а не како што се предлагаше, на ОН.

Вториот дел од мисијата, според истите извори, ќе биде организиран во три столбови. Првиот ќе се занимава со организираниот криминал и корупцијата, а во него ќе бидат ангажирани обвинителите и истражителите на ЕУЛЕКС, кои би постапувале независно. Вториот столб би имал функција на надгледување и советување на институциите на Косово на централно ниво. Третиот столб ќе се занимава со северот од Косово и ќе биде насочен кон обврските кои произлегуваат од априлскиот договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Заменик-премиерот и министер за правда на Косово Хајредин Кучи потврди дека се разговара за реконструкција на мисијата ЕУЛЕКС. Тој информира дека за тоа досега се одржани два состаноци – еден во Брисел и втор во Приштина.

Eulex Polizist im Kosovo
Можна е реорганизација на мисијата на ЕУЛЕКС, која на Косово би продолжила и по јуни следната годинаФотографија: DW

Косовскиот парламент неодамна усвои резолуција, со која побара во јуни 2014 година надлежностите на ЕУЛЕКС да бидат пренесени на косовските институции. Во резолуцијата се изразува незадоволство од улогата на ЕУЛЕКС во разгледувањето на случаите на воени злосторства, извршени од српските сили и од пресудите против членови на поранешната Ослободителна војска на Косово.

ЕУЛЕКС: Нема тајни обвиненија

ЕУЛЕКС нема тајни, ниту запечатени обвиненија за воени злосторства, бидејќи за тоа нема законска основа во косовскиот закон, рече денеска портпаролката на ЕУЛЕКС, Ирина Гудељевич. Тоа е одговор на стравувањето на директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија Александар Вулин дека постојат тајни обвиненија против Срби, откако беше уапсен Иван Радивојевиќ, кој е обвинет за воени злостортства.

„Обвинителите од ЕУЛЕКС сега истражуваат 94 случаи на воени злосторства, а досега се донесени вкупно 28 пресуди во случаите поврзани со воени злосторства. ЕУЛЕКС не ги дели случаите по основа на национална припадност“, се наведува во изјавата на портпаролката на мисијата на ЕУ на Косово.