1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И по Мека – неизвесноста продолжува

Петер Филип9 февруари 2007

Коментар на Петер Филип

https://p.dw.com/p/AdtU
Ханија и Абас на разговорите во Мека
Ханија и Абас на разговорите во МекаФотографија: AP

Палестинците сигурно имаат причина за славје. Постигнувањето согласност во Мека го отвора патот за составување влада на национално единство и за ставање крај на крвавите судири меѓу Фатах и Хамас. Палестинците се надеваат дека сега е завршен и меѓународниот бојкот на нивната влада, дека меѓународната помош повторно ќе дотекува и дека економската состојба на палестинските територии ќе се подобри.

Дали тоа и ќе се случи сеуште е непознато. Меѓународната заедница, пред се САД и ЕУ, овој бојкот не го воведе затоа што не им се допаѓаше составот на палестинската влада, туку затоа што нејзината политичка ориентација не беше прифатлива. Исламистичкиот Хамас се дисквалификуваше во прва линија со тоа што не беше подготвен да го почитува договорот постигнат со Израел уште во времето на Јасер Арафат и не ја отфрли својата политичка програма, во која и натаму се говори за уништување на Израел. Со ова, владата составена пред само една година, самата се направи неприфатлива за Израел, а Европејците и Американците не можеа да поддржуваат влада која не чувствува обврска кон мировните договори. Или, она малку што од нив е останато, благодарение и на постапките на Израел.

Влада на национално единство е сигурно чекор во вистинска насока, зашто опфаќа и претставници на Фатах и приврзаници на умерениот претседател, Махмуд Абас, кој отворено се заложи за мировниот процес. Но, дел од оваа влада и натаму ќе бидат и членови на Хамас, и таа и натаму ќе биде водена од премиерот Исмаил Ханија, од Хамас, без притоа исламистите да имаат најавено дури и само влакно поместување од нивната досегашна линија.

Сега Палестинците очигледно се надеваат дека и покрај тоа, ќе водат мировни преговори, со тоа што преговорите ќе ги води Аабас, а тие ќе бидат толерирани од Ханија. Чудна конструкција , зашто никој точно нема да знае на што е и кој став навистина важи. Можеби доволна причина за Израел да отфрли вакви преговори и со тоа одново да ја продолжи неизвесната ситуација во регионот на неопределено време.

Меѓународната заедница,пак, има две можности – можно е про-форма да се согласи со новата состојба и да најде формула како што тоа Американците го направија со либанската влада кога нејзин дел беа и луѓе на Хезболах. Имено, Вашингтон тогаш соопшти дека се разбира дека има контакти со либанската влада, но не и со членовите на владата од Хезболах. Став, кој во Либан не доведе до ништо и кој што е тешко да се пренсе и на случајот со новата палестинска влада.

Втората можност гласи – другите земји ќе го задржат притисокот врз Палестинците, но во тој случај Мека не беше ништо друго освен искра на неоправдана надеж.