1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И што сега? - сценарија за нова влада

Фолкер Вагенер
22 ноември 2017

Избирачите го кажаа своето, но влада не може да се формира, зашто пропаднаа коалициските преговори. Можни се неколку варијанти, а некои работи зависат и од преговарачката умешност на германскиот претседател Штајнмаер

https://p.dw.com/p/2o1tA
Deutschland Ende Jamaika-Koalition Sondierungsgespräche | Angela Merkel; Bundeskanzlerin
Фотографија: Reuters/A. Schmidt

Одеднаш тој се најде во фокусот. Франк-Валтер Штајнмаер, протоколарниот број еден во државата, сега треба да ја спасува владејачката коалиција. Тој тоа дури и мора да го стори тоа- така имено пропишува членот 63 од Уставот на Сојузна Република Германија. Сега тој мора да делува како дипломат и како авторитет. Како министер за надворешни работи беше силен преговарач кој тежи кон помирување. „Подобро е да не се владее отколку да се владее погрешно“, рече Кристијан Линдер, лидерот на Партијата на слободните демократи (ФДП) во образложението на прекинот на прелиминарните преговори за владина коалиција. Претседателот на тоа гледа поинаку. Оној кој сака да ја преземе политичката одговорност не смее да се трга настрана „кога ќе ја добие в раце“- реакцијата на Штајнмајер за прекинот на сондирачките коалициски преговори е јасна: тука сѐ уште не е кажан последниот збор. И сега тој разговара- со сите учесници.

Deutschland Schloss Bellevue Gespräch zu Koalitionsverhandlungen FDP Lindner
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Bergmann/Bundesregierung

Малцинска влада- тоа никогаш го немало во Германија

Малцинска влада би била премиера за државата. На демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) и на Либералите (ФДП) би им недостасувале 29 гласа, а на демохристијаните и на Зелените- 42 гласа.  При едно вакво сценарио, се разбира останува перманентната опасност од тактички играрии во Бундестагот. 

Затоа многу се зборува и за можноста за повторно формирање на таканаречената голема коалиција, но Социјалдемократите (СПД) јасно рекоа дека во таков проект никогаш нема да влезат додека Демохристијаните не се „демеркелизираат“, а тоа може да се случи само ако Ангела Меркел сама реши да си замине од функциите претседател на ЦДУ и германски канцелар.

Постои уште поспектакуларна варијанта, а тоа е протест во Унијата против канцеларката. Таа во моментов нема наследник во партијата, нема личност која би била погодна за такво нешто. Освен ако политичките големци во партијата не успеат на таа позиција да го доведат 75-годишниот Волфганг Шојбле. Тој би бил компетентен, и би го имал потребниот авторитет. Но, тоа е шекспировско сценарио, кое не е на повидок.

Deutschland Bundestagswahl
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Нови избори како варијанта?

И во таа варијанта претседателот на државата Штајнмаер го има главниот збор. Тој најпрво би морал да се погрижи новиот парламент да избере нов канцелар. Тој не мора за таа функција да ја предложи Ангела Меркел, но тоа ќе го стори бидејќи таа е единствена која може да собере парламентарно мнозинство. Но, неа за тоа ѝ е потребно апсолутно мнозинство. Дури ако тоа не биде остварено ни во третиот обид, претседателот ќе може да го распушти Бундестагот и да распише нови избори, кои би морале да се одржат во рок од 60 дена. Последните анкети покажуваат оти две третини од Германците сакаат нови избори.

Во моментов најмногу причини за задоволство има Алтернатива за Германија (АфД)- веќе и досегашниот неуспех на коалициските преговори им одговара на десничарските популисти. Сите други партии мора да стравуваат дали избирачите ќе ги казнат за досега покажаните резултати и неспособност.