1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И 2012-та повторно година на рејтинг-агенциите?

18 февруари 2012

Рејтинг-агенциите како Стандард енд Пурс, Мудис или Фич, им влеаја страв на земјите од еврозоната, чие натамошно задолжување станува се’ поскапо, а агенциите се’ поизложени на критики.

https://p.dw.com/p/145Ir
Фотографија: DW

„Ние сме независни коментатори на стручни работи“, рече Торстен Хинрихс, шеф на „С&П“ за Германија, во едно поареншно интервју за ДВ. Тоа звучи прилично скромно. Рејтинг-агенциите всушност со рангирање помеѓу ААА и Д ја искажуваат веројатноста дали некое претпријатие или држава навреме и целосно ќе ги отплатува своите долгови. Со тоа агенциите се некој вид судија за сите економии и влади. Намалувањето на рејтингот го прави поскапо новото задолжување на државите, па тоа би можело да води кон нова буџетска политика. Според студијата на Јенс Розенбаум, научник од Трир, ова може и да ги намали шансите на политичарите за реизбор.

Рејтинг-агенциите можат да се означат и како класификатори. Со оценувањето на бонитетот тие издаваат еден вид потврда за технички преглед, според која мора да се ориентираат финансиските институции. „Значењето на рејтинг-агенциите во прв ред се должи на многу ефикасното и успешно играње на нивната улога како посредник на информации помеѓу емитентите (издавачите на хартии од вредност) и инвеститорите (вложувачите)“ - вака Торстен Хинрихс ја опиша задачата на агенциите. Долго време и беше така: инвеститорите имаа потреба од фундирани информации за претпријатијата, на кои сакаа да им ги доверат своите пари, и им плаќаа на рејтинг-агенциите за од нив да добијат такви информации.

Сомневања во агенциите поради конфликт на интереси

Но, со тек на времето, емитентите - претпријатијата кои сакаат да дојдат до капитал од финансиските пазари - станаа исто така клиенти кои им плаќаат на агенциите. Тука недвосмислено постои конфликт на интереси, велат критичарите. Тој конфликт беше особено еклатантен за време на фазата на настанување на примарната криза во 2007 година во САД. Рејтинг-агенциите, платени од банките, им издаваа најдобри оцени на хипотеките дадени кај банките! Тука биле разводнети критериумите на оценување под притисок на конкурентската борба меѓу рејтинг-агенциите од една, и на значителниот профит од друга страна, опишува Сузане Шмит во бестселерот „Пазар без морал“.

Bundesbankpräsident Axel Weber G20-Finanzministertreffen Washington
Аксел Вебер, поранешен претседател на БундесбанкатаФотографија: DW-TV

Тоа, според последиците, беше најтешката грешка во проценките на големите агенции, но не и единствена. И кај банкротот на американскиот енергетски џин Енрон во 2001, како и две години подоцна во случајот со италијанскиот концерн за прехранбени производи Пармалат, оценувачите на бонитетот реагираа предоцна. „С&П“ им даде добра оцена на веројатно фалсификуваните биланси на Италијанците, а подоцна, со трескавична серија од намалувања на рејтингот го забрза банкротот на претпријатието. Во Европа често се слуша поплака и дека трите големи рејтинг-агенции премногу оценуваат од американски агол на гледање.

Таен налогодавач на агенциите во Вол стрит?

Но, и покрај големата критика, немаше сомневање дека рејтинзите се важни за заштита на вложувачите. И кај европските политичари преовладуваше ставот дека големите рејтинг-агенции од САД, во целост погледнато, си ја извршуваа обврската за информирање и само треба посилно да бидат контролирани. Тие дури ги направија оценувачите на бонитетот меѓу најважните актери на финансиските пазари, со тоа што ги обврзаа банките и осигурувањата да држат производи со одредено рејтинг-ниво.

Вистински на лош глас се најдоа трите американски агенции по избивањето на должничката криза во Европа. На крајот на 2009 година Фич прва и’ го одзема на Грција магичното „А“ и предизвика серија од намалувања на нејзинот рејтинг. „Рејтинг-агенциите дејствуват како забрзувач на пожарот“, вели Рудолф Хикел од Универзитетот во Бремен. Тоа се одвива вака: прво агенциите ја намалуваат оцената за перспективите на една земја на „негативни“ под образложение дека финансиската состојба не е солидна. Со тоа предизвикуваат турбуленции на финансиските пазари. Растат трошоците за камати за државните обврзници. Потоа агенциите го намалуваат и рејтингот на државата, оти трошоците за рефинансирање на долг рок се неподносливи. Настанува ѓаволски круг.

Тешко е сфатливо дека рејтинг-агенциите ги оценуваат државите без тоа официјално некој да го побара. Тоа остава простор за шпекулации и теории на заговор. По намалувањето на рејтинзите на земјите од зоната на еврото кон средината на јануари, дури и конзервативни германски политичари искажаа сомневање дека агенциите имаат таен налогодавач во Вол стрит.

Fitch Ratings Rating Agentur
Фотографија: AP

За и против европска рејтинг-агенција

Затоа многумина европски политичари побараа основање европска рејтинг-агенција. Експерти, велат тие, има доволно во Европската централна банка или во Комисијата на ЕУ. Но, економистите страхуваат дека рејтинг-агенција под капата на некоја институција на ЕУ тешко дека ќе ужива доверба на вложувачите. Неоптоварена со такви сомневања треба да биде планираната рејтинг-агенција на претприемничкиот консалтинг Роланд Бергер: таа треба да биде финансирана од фондација и нема да биде изложена на влијанија од надвор. Конфликтот на интереси треба да биде решен со тоа што таа ќе работи за општо добро и нема да биде ориентирана кон остварување добивка. Агенцијата треба да биде формирана в лето, а на почетокот на наредната година треба да ги објави првите рејтинзи.

Генерално скептичен во однос на некоја европска рејтинг-агенција е поранешниот претседател на германската Бундесбанка Аксел Вебер: таа нема да донесе многу, а и воопшто, рејтинг-агенциите не ја предизвикаа кризата во Европа, туку потфрли политиката, смета Вебер.

Автор: Жанг Данхонг/Зоран Јордановски

Редактор: Борис Георгиевски