1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кабул- безбедноста не е гарантирана

Сандра Петерсман, Биргита Шилке-Гил
22 мај 2017

По терористичкиот напад во Авганистан во кој беа убиени припадник на обезбедувањето и германска хуманитарна работничка, репортерките на ДВ, Сандра Петерсман и Биргита Шилке- Гил разговараа со луѓето кои живеат во Кабул

https://p.dw.com/p/2dLZ5
Afghanistan Birgitta Schülke-Gill und Sandra Petersmann in Kabul
Фотографија: DW

Нашата задача е да известуваме за депортираните. Амир, Нури, Мујтаба и Иса ни раскажуваат за стравот со кој живеат во Кабул. И токму додека разговараме со луѓето кои се вратени од Германија, стигнуваат ужасни вести за нападот врз членовите на шведската хуманитарна организација „Операција милост“.
Шокирани сме и згрозени. Сите напади се страшни: Кабул, Париз, Брисел, Ница, Берлин. Деталите сѐ уште не се јасни. Ги повикувам нашите контакти во Кабул да дознаеме нешто повеќе. Следиме што јавуваат нашите авганистански колеги на социјалните мрежи.
Им јавуваме на семејствата дека сме добро. Пријателите и колеги се јавуваат, праќаат пораки. Младите луѓе кои се депортирани разбираат германски доволно за да разберат за што зборуваме со луѓето во домот. Мујтаба и Иса ни изразуваат сочуство. Ја проценуваме состојбата со главната и одговорна уредничка како и со координаторот за безбедност.
Сликата станува појасна. Во саботата вечер нападнати се странци. Целта бил станбениот комплекс во кој живеат луѓе од хуманитарните организации. Убиени се припадник на обезбедувањето, Авганистанец и Германка од хуманитарна организација. Државјанка на Финска е киднапирана.

Afghanistan Tatort Deutsche getötet Taliban
Местото на кое беше извршен последниот нападФотографија: Reuters/O.Sobhani

Тоа не е прв напад врз странци во Кабул, иако најчесто жртвите се авганистански цивили. Од почетокот на годинава во Кабул забележани се најмалку 7 сериозни напади во кои се убиени или ранети повеќе стотици луѓе. Одговорноста за напади ги преземаа талибанците или ткн. „Исламска држава“.
Престолнината на Авганистан последните денови е мирна. Кога слетавме пред неколку дена, тврдината Кабул обиколена со ѕидови кои штитат од експлозии и бариери од бодликави жици, делуваше доволно мирољубиво. Луѓето со кои разговаравме беа отворени и пријателски расположени. Но тој мир е лажлив, а доказ за тоа не е само последниот напад.

Тероризмот е секојдневие

Безбедноста во Кабул не може да се гарантира. Место кое е денес мирно, веќе утре може да стане цел на напади. Пред да дојдеме, ги прифативме правилата на безбедноста. Нашиот работодавач има многу јасни правила кога некој оди во кризен регион и ние се придржуваме до нив. Го слушаме и сопствениот инстинкт. Повеќе од тоа не се може.
Сите со кои разговаравме ги прашавме што мислат за планот на САД и НАТО повторно да испратат повеќе војници во Авганистан.
„Што ќе донесе тоа доколку ништо друго не се смени?“ „Најважно е ние Авганистанците да се држиме заедно и нашата влада конечно да почне да управува, а не да се расправа“. „Чуму странски војници доколку не им е дозволено да се борат?“
Одговорите се различни, но никој од граѓаните со кои разговаравме- без оглед дали се мажи или жени- во Кабул не се чувствуваат безбедно. Сите живеат со ризик и без оглед на тоа, животот мора да продолжи. Често слушаме како луѓето велат: „Кога наутро ќе излеземе од домот, не знаеме дали до вечер ќе се вратиме. Но не можеме да престанеме да живееме“.

Назад во Кабул

Сега, по последниот, смртоносен напад, ние странците, гости во овој град, не сме ништо повеќе во опасност одошто бевме пред нападот. Тероризмот и насилството се дел од секојдневието во главниот град на Авганистан. Кон тоа треба да се додадат и бандите криминалци. Киднапирањето во Кабул е бизнис- модел.
Тука сме како новинари да пренесеме како изгледа секојдневието во Кабул. Ги познаваме Кабул и Авганистан од нашите претходни посети. Оваа земја е во војна. По 16 години, меѓународното воени присуство му донесе на Авганистан напредок и ја отвори земјата кон светот. Но, тоа не донесе мир и безбедност.