1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавада: Нема демократија без слободни медиуми

Тони Гламчевски6 јули 2012

Улогата на властите наспроти јавните медиуми е да се грижат за добрите услови за работа, а не да се мешаат во тоа што треба да се кажува на нив, вели за ДВ, европскиот пратеник Жан-Мари Кавада

https://p.dw.com/p/15SIg
Фотографија: picture alliance / dpa

Претседателот на меѓупарламентарната група за медиуми на Европскиот парламент, францускиот европратеник Жан-Мари Кавада, инаку долгогодишен новинар, уредник, директор и генерален директор на повеќе француски медиуми во разговорот за Дојче Веле, нагласува дека целта на оваа група е да се спроведува Повелбата за Фундаменталните права во областа на печатот, да се грижи за финансиската рамнотежа и за заштита на медиумските слободи  кога тие се нападнати или загрозени. Односно да бдее за доброто функционирање на медиумскиот систем и нивните слободи во Европа, било да станува збор за нивните економски, финансиски или деантолошки слободи.

Во тој контекст е и нивната реакција на ситуацијата во Македонија по одлуката на Советот за радиодифузија да и се одземе дозволата за работење на А2 телевизија.

„Слободата на изразување и медиумскиот плурализам се во срцето на европските вредности. Нема демократија без слободни медиуми. Властите треба да обезбедат почитување на овие фундаментални права како и слободна и безбедна средина за независно и професионално работење на новинарите“, стои во реакцијата на Меѓупарламентарната група за медиуми на Европскиот парламент.

Жан-Мари Кавада појаснува дека во меѓупарламентарната група се наоѓаат европратеници кои се интересираат за медиумите и кои доаѓаат од различни политички групи, што ја ослободува групата од политичката обоеност и ја прави непристрасна.

Кога го запрашавме францускиот европратеник од редовите на Народните партии, како гледа на ситуацијата на медиумите во Македонија, тој признава дека не ја познава најдобро ситуација.

„Многу слабо ја познавам ситуацијата со медиумите на Балканот и во Македонија. Во нашата меѓугрупа работиме на ситуацијата во овој дел на Југоисточна Европа, но само што започнувам да учам. Во нашата група има една поранешна новинарка од регионот, словенката Тања Фајон, која доаѓа од земја поблиска до земјите од Балканот и таа можеби е повеќе способна да ја сфати ситуацијата во нашата меѓугрупа, во која таа е вице-претседателка.“

Имено, забелешките на Меѓупарламентраната група не се разликуваат многу од усвоените препораки од ЕП и Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија за  напредокот на Македонија.

Политичарите да не ги гибаат медиумите

Жан-Мари Кавада појаснува дека проблемите со кои се среќава Македонија, можат да се најдат и во другите земји, па дури и во земји членки на ЕУ, но тој притоа нагласува:

„Улогата на властите наспроти јавните медиуми е да се грижат за добрите услови за работа, а не да се мешаат во тоа што треба да се кажува на нив, бидејќи тоа е ориентирана и целосно неприфатлива цензура во современииот свет.“

Deutschland EU Treffen der Justiz- und Innenminister in Dresden Wolfgang Schäuble
Жан Мари Кавада (десно) во разговор со германскиот министер за финансии Волфганг ШојблеФотографија: AP

Тој како поранешен новинар, а од пред неколку години и политичар вели дека не си дозволува да им се јавува на медиумите и новинарите за да изврши притисок, бидејќи знае што се случува  од другата страна.

„На политичарите би можел само да им порачам: не гибајте ги медиумите бидејќи тоа е контрапродуктивно еден ден тоа ќе ви се врати како бумеранг. Потоа тоа може да создаде само дополнителни центри на отпор против вас. И на крај, никој не е сопственик на медиумите, освен во приватниот сектор, каде приватните сопственици немаат повеќе права врз информациите  отколку сопствениците на јавните медиуми. Информациите треба да бидат надвор од сите видови на притисоци. Не е лесно да се издржи на притисокот. Во мојата долга кариера од над триесет години како новинар, на три пати бев отпуштан, иако првиот пат бев главен уредник, два пати директор и еднаш претседател на еден канал, затоа многу добро знам што значи тоа. Но треба да знаеме едно нешто, кога еднаш ќе бидеме компромитирани, тогаш сме голтнати од лошиот систем.“

Добрата организација на новинарите – средство за заштита на слободата на медиумите

Според претседателот на парламентарната меѓугрупа за медиуми, потребна е будност при заштитата на слободата на медиумите и новинарите и додава дека добрата  организација на новинарите може да помогне за ова.

„Не фрлам анатема врз земјите од така наречените нови демократии, кои од секогаш живееле во последствени тирании. Најнапред нацизмот, а потоа комунизмот во Централна и Источна Европа и на Балканот. Не фрлам анатема, бидејќи навистина е тешко да се изоди патот на демократијата, тој не се изодува за кратко време за неколку дена, недели или месеци. Но треба да се тежнее кон таа достојност во однесувањето. Медиумите во приватниот сектор им припаѓаат на нивните сопственици, во јавниот сектор на државата, но и во приватните канали информациите им припаѓаат на јавноста, а не на сопствениците на каналите. Информацијата е заедничко добро, како водата, струјата, јавното здравство. Ако информацијата е лоша, земјата е во лоша здраствена состојба. Гледате, затоа е важно да го кажеме ова во современиот свет за да го подготвиме граѓанскиот мир“ – завршува Жан-Мари Кавада, претседателот на меѓупарламентарната група Медиуми при Европскиот парламент.

Во Меѓупарламентарната група за медиуми на ЕП, веќе подолго време се размислува за организирање на едно сослушување за ситуацијата со слободата на медиумите и новинарите во Македонија.