1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавгата за Северен тек 2 штотуку стана „валкана“

Џо Харпер
13 декември 2018

Екологистите имаат малку заеднички нешта со Доналд Трамп, но точка на согласување им е тоа што се борат против гасоводот Северен тек 2 кој е во изградба и преку кој треба да се пренесува руски гас во Европа

https://p.dw.com/p/3A227
Nord Stream 2 - Insel Rügen
Фотографија: picture alliance/dpa/S. Sauer

И покрај тоа што воопшто не беше изненадување одлуката која неделава ја донесе окружниот суд во Ст. Петерсбург со која се отфрла тужбата на Гринпис против подводниот гасовод со кој се поврзуваат Русија и Германија, тврдењата на еколошката невладина организација имаат силен оддек од Берлин до Вашингтон.

Анегрет Крамп–Каренбауер, наследничката на германската канцеларка Ангела Меркел на чело на Демохристијанската унија (ЦДУ), изјави дека една опција за се пополитизираниот гасовод Северен тек 2 може да биде намалување на количеството на гас кое ќе поминува низ него. Помек Северен тек 2 – кажано со речникот на Брегзит – нема да биде по кеф никому.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, член на Социјалдемократската партија, помладиот партнер во коалиција на Меркел веднаш се изјасни против, нагласувајќи дека гасоводот е комерцијален проект којшто ќе продолжи дури и во случај германските компании да излезат од него. Дополнително, проектот ќе му даде на Берлин подобра позиција во однос на Москва.

Ова се случува во контекст на американските обиди да се поткопопа проектот на гасоводот. Претседателот Доналд Трамп тврди дека со ова се стеснува европскиот простор за маневар во односите со Русија. Трамп се обиде да ја продаде идејата увозот од Русија да се замени со увоз на американски течен природен гас (НЛГ).

Како што се загрева политичката дебата околу проектот, исто така се зголемува и дебатата околу неговото влијание врз животната средина.

Infografik Karte Nord Steam gas pipelines EN

Еколошки проблеми

Гринпис и други еколошки групи тврдат дека изградбата на Северен тек  го загадува германскиот брег на Балтичкото море, при што е пронајдена токсична маст на плажите и во водата. Луѓето кои живеат во близина на брегот на Грајфсвалд на североистокот на Германија почнаа да пријавуваат кај властите во јуни за појава на розево-виолетови масни меури со големина на тениско топче, дел од нив во областа која е под заштина на еколошката програма Натура 2000 на ЕУ. Германскиот министер за животна средина изјави дека оваа појава може да доаѓа од градежните работи околу гасоводот. Конзорциумот кој го гради гасоводот од тогаш редовно го чисти отпадот. „За несреќа имаше инцидент на излевање на масло во заливот на Грајфсвалд во јуни годинава," изјави портпаролот на Северен тек 2, Јенс Милер за ДВ, додавајќи дека било истечено околу 140 килограми масло, кое се користи за подмачкување на дупчалките.

Повеќе:

-Трамп со отровни забелешки за Северен тек 2

-Рускиот гасовод во срцето на Европа

-Тројански коњ на Русија во ЕУ

„Во тесна соработка со властите, експертите кои работата на проектот собраа над 100 килограми. Ние ја запревме работата, ги проверивме бушилиците и го заменивме маслото за подмачкување со биоразградливо. Испративме и инспектори на терен за да ја контролираат целата процедура. Сите преземени мерки се високо над бараните стандарди," нагласи Милер.

НАБУ, еколошка невладина организација од Берлин, вели дека со гасоводот се погодени пет области кои се под заштита на еколошката програма Натура 2000 во крајбрежјето и Екслузивната економска зона (ЕЕЗ) во Германија. „Поради работата на бушилиците е уништен голем дел од растителниот и животинскиот свет во морето", тврди Ане Бонке-Хенрикс, од НАБУ за ДВ.

Таа вели дека цевката на гасоводот е до 80 метри, за што се потребни да се извадат 2,5 милијарди тони морски седименти, при што се ослободува над 250 тони биолошки фосфор којшто се складира во седиментите. „Фосфорот потоа делува како оплодувач на веќе премногу фертилизираната морска средина", додава таа.

Како резултат, алгите цветаат многу побрзо а кога се распаѓаат и паѓаат на дното на морето консумираат големо количество на кислород. Преголема потрошувачка на кислород пак резултира во хипоксични или аноксични состојби, што доведува до уништуваење на растенија и животински свет во Балтичкото море, нагласуваат од НАБУ. Еколошките организации сега поднесоа тужба против конзорциумот кој го гради гасоводот тврдејќи дека влијанието врз животната средина не е целосно утврдено. Според нив обновата на уништениот морски свет ќе трае многу подолго од она што е предвидено од „Северен тек 2".

Северен тек сака да биде различен

Портпаролот на проектот, Јенс Милер пак ги нагласува придобивките од гасоводот во однос на заштита на климатските промени.

„Со користењето на гасот кој ќе се увезе преку Северен тек 2 за производство на електрична енергија, наместо со ископини од јаглен ќе ја намали емисијата на ЦО2 во просек за издувни гасови на 4 милиони автомобили," изјави тој за ДВ на климатската конференција која сега се одржува во полскиот град Катовице. Тој исто така додава и дека е интересно да се спореди количеството на масло, со количеството на непреработената отпадна вода кој се влева во Балтичкото море од реките и земјоделските препарати.

Deutschland Nord Stream 2 vor der Insel Rügen
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Wüstneck

„Ако ја споредите површината што ја бушиме ние со онаа на соседниот полски НЛГ терминал, ќе видите дека сме поместиле помалку од една десетина од количеството на седимент," појаснува тој. Според податоците кои ги објави конзорциумот, фосфорот кој привремено се испушта од морското дно во изминативе осум месеци додека траат градежните работи е помал од 5 проценти од она што секоја година се влева преку реката Одра во Балтичкото море или од она што се испушта од морското дно за време на зимски бури.

Исто така, конзорциумот инвестира во дополнителни пречистителни станици во североисточна Германија со кои треба „засекогаш да се намали емисијата на нитрат и фосфор", со цел да се создаде „ видлив ефект врз квалитетот на водата" во заливот Грајфсвалд.

Во меѓувреме судовите во Русија, Финска и Германија ги отфрлија тужбите од Гринпис и други еколошки здруженија. Според нив земјите кои се вклучени во проектот направиле темелна проценка на влијанието врз животната средина и имаат издадено дозволи со кои се потвтрдува еколошката компатибилност на проектот.