1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавга во ЕУ околу буџетот до 2020. година

Кристоф Хазелбах/ Борис Георгиевски1 мај 2012

Битката за буџетот на ЕУ до 2020 започна. Од Брисел се бара поголемо учество на државите-членки, но Германија и други големи економии се противат на идејата

https://p.dw.com/p/14nUV
Фотографија: Reuters

Кога Европската Комисија (ЕК) неодамна предложи зголемување на буџетот на ЕУ за околу 7 проценти, политичарите во Берлин, Лондон и Хаг се избезумија. Наскоро започна лавината критики, која ја предводеа тезите дека ЕК не може во истовреме да пропагира зголемување на буџетот и да воведува мерки за штедење. Но комесарот за буџет, Јануш Левандовски остана на својот став.

„Нашиот буџет е скромен. Тој не е ниту причината, ниту решение за должничките и проблемите со дефицитот на земјите-членки“.

Левандовски наведува две причини за предложениот раст. Прво, во 2013. година завршува повеќегодишниот период на финансирање и ќе достасаат сметките за бројни долгорочни проекти. Комесарот вели дека ЕУ-членките претходно премногу го скастриле буџетот па сега ќе треба да го дополнат. Лани, ЕК бараше петпроцентно зголемување на буџетот, но ЕУ-членките дозволија само два проценти.

ЕК да штеди како и земјите-членки

На друга страна, најголемите издвојувачи како Германија, Велика Британија и Холандија, не само што одбиваат зголемување на годинешниот буџет. Тие бараат намалување и на проекциите за буџетот 2014-2020. година. Минатогодишното барање на Брисел за околу илјада милијарди евра за шестгодишниот период, беше експресно одбиено во Берлин. Оттаму велат дека доколку ЕУ-членките воведуваат болни рестрикции во националните буџети, и ЕК треба да скрати најмалку 100 милијарди евра од своите побарувања.

EU Gipfel Europäische Kommission Barroso Ministerrat
Жозе Мануел БарозоФотографија: Reuters

Како и да е, во споредба со некои национални буџети, буџетот на ЕК е навистина скромен. На пример, германскиот државен буџет е трипати поголем од целиот буџет на ЕУ.

Од ЕК аргументираат дека на многу земји, особено во Источна Европа им се потребни ЕУ-фондовите.

„40 отсто од сите јавни инвестиции во новите земји-членки се ко-финансирани од Брисел. Во Португалија тој процент е околу 25 отсто, а слично е и во Грција“, вели Левандовски. Тој смета дека со овие проекти сите профитираат. Во посиромашните земји се зголемуваат растот и вработеноста, додека богатите најчесто ги добиваат договорите за работа.

Како се делат парите?

„Ова не се пари за Брисел. Ова се пари кои се враќаат назад во земјите-членки“, вели претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо. Во ЕК убедуваат дека само 5 отсто од вкупната сума останува во Брисел, а сето останато се инвестира во земјите-членки.

Beratungen über den EU-Haushalt in Brüssel
Јануш Левандовски и Александер СтубФотографија: picture-alliance/dpa

Но, критичарите велат дека ЕК премногу лесно ги дели парите. Дел од парите завршуваат во нејасни проекти, неуспешни бизниси и кај корумпирани политичари. Притоа, нема иновации во образованието, развојот и земјоделството.

И покрај големите разијдувања и критики, надежите се дека ќе се најде решение до самитот на ЕУ закажан за декември годинава. Финскиот министер за европски прашања Александер Стуб е оптимист.

„Решенијата често доаѓаат драматично пред самиот крај. Ќе има многу викање и кавги, но на крајот сите ќе се фатиме под рака и ќе се обединиме“, оптимист е Стуб.