1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде за Нова Година?

31 декември 2010

Македонските граѓани се подготвуваат за најлудата ноќ во годината. Се слави на плоштад, по кафани, во дискотеки, меѓутоа многумина новата година ќе ја дочекаат во домашна атмосфера. Како изгледа предновогодишно Скопје?

https://p.dw.com/p/QlXB
Дискотеките и кафулињата се првиот избор на младитеФотографија: Partibrejkers.de

Атмосферата кулминира од утрината на 31.12. Скопските улици се преполни со возила, низ продавниците вистински метеж, во последен момент да се купи некој подарок, да се пазари пред да затворат маркетите и да се замине на традиционалната прослава. Новата 2011 година ќе се чека на градскиот плоштад, во кафулиња, ресторани, дискотеки, но најголем дел од граѓаните се чини и годинава ќе се веселат во домашна атмосфера. Во анкетата на Дојче веле, граѓаните главно велат дека ќе останат дома во друштво на најблиските. Главен проблем се финансиите, поради кои не можат да си дозволат поголема забава.

Градските татковци повикуваат на забава во центарот на градот

Mazedonien Land und Leute
Турканици во супермаркетите пред најдолгата ноќ во годинатаФотографија: Petr Stojanovski

Сите оние кои ќе решат најлудата ноќ да ја поминат на централниот скопски плоштад, ги очекува музичко шоу со хрватските ѕвезди Петар Грашо и Даниела Мартиновиќ, на кои друштво ќе им прават македонските колеги, Елена Ристеска, Кристина Арнаудова, Ребека, Арбен Шаќири, Сузана Сапсовска, Соња Тарчуловска, Гоце Арнаудов. Скопскиот градоначалник Коце Трајановски ги повикува сите на добра забава. Градот одвоил само 100 илјади евра за украсување на градот, а музичките ѕвезди се донација на Т-Мобиле и Телеком.

На плоштадот е веќе пристигнат и Дедо Мраз кој оваа година вели решил за најлудата ноќ да се забавува во Скопје и да им ги дели пакетчиња на најмладите. Најголемата возбуда е присутна токму кај нив, кои секако се радуваат на Дедо Мраз и очекуваат по некој подарок.

Нога Година со германски „шмек“

Централната новогодишна елка, висока 15 метри, е поставена во зелениот појас до плоштадот. Пред влезот на ГТЦ се одржува новогодишен пазар и забава за децата. Таму во девет мали дрвени куќички се продаваат автентични производи од германската култура, како германска храна, пиво и варено вино.

Организатори на новогодишната програма се Град Скопје, Македонски Телеком, Т-Мобиле Македонија и Македонско-германското стопанско здружение. Поддржувачи на целиот проект се Амбасадата на Германија во Македонија и ЕВН Македонија.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Трајче Тосев