1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Каде и да погледнеш - насекаде измамници“

18 октомври 2017

По убиството на новинарката Дафне Каруане Галиција на Малта, медиумите на германски јазик пишуваат за нејзината работа и за проблемите за кои информирала. Галиција беше една од најострите критичарки на владата на Малта.

https://p.dw.com/p/2m3lO
Malta St Julian - Trauer um ermordete Journalistin Daphne Caruana Galizia
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Rossignaud

„Атентатот најдлабоко ја потресе Малта“, пишува магазинот Шпигел онлајн, цитирајќи го малтешкиот новинар Едвард Дуку кој вели дека граѓаните во Малта гледаат мирен и сигурен остров, и дека тие не се навикнати на ваков вид политички убиства, „Можните причини се веќе долго познати: Малта важи за рај за затајувачите на данок, финансиско жонглирање и перење пари- и така го привлекува организираниот криминал. Скандалот околу Панама пејперс фрли особено лошо светло врз членови на владата, а Дафне Каруана Галиција го откри случајот, а притоа ја обвини и сопругата на премиерот Џозеф Мускат дека поседува тајна фирма во Панама“.

„Мускат ја тужеше Галиција за клевета, но тој не беше нејзиниот единствен моќен непријател. Таа јавно се замери и со лидерот на опозицијата Адријан Делија, шефот на малтешката Националистичка партија - и тој поднесе тужба против неа. И судијката Скери Херера, која требаше да ја води истрагата за убиството на Галиција, своевремено презеде правни мерки против новинарката. Адвокатите на семејството поднесоа барање истрагата да ја води некој друг- и тоа беше прифатено“.

Каруана Галиција уште пред две недели и се обрати на полицијата затоа што добивала смртни закани. Но, и во полицијата имаше непријатели, како што можеше да се види од една објава на Фејсбук на еден полицаец и тоа непосредно пред нападот: „Секој го добива она што го заслужува, измету! Среќен сум...“ Текстот во меѓувреме беше избришан, но некои успеале да го копираат и сега го објавија и малтешките медиуми. Полицијата соопшти дека отворила интерна истрага. Последната реченица која новинарката ја напишала на својот блог пред да биде убиена гласи: „Каде и да се погледне - само измамници. Ситуацијата е очајна“, пишува Шпигел.

Maltesische Bloggerin getötet Daphne Caruana Galizia
Нејзиниот блог беше почитан од сите дневни весници заедно на МалтаФотографија: picture-alliance/AP Photo/The Malta Independent

„Нејзиниот блог беше една од најчитаните интернет-страници во најмалата членка на ЕУ“, пишува швајцарскиот Ноје цирхер цајтунг. „Во најдобрите денови таа имаше 400 илјади читатели, што е импресивно за земја со 420 илјади жители. Нејзините текстови во мирни денови имаа повеќе читатели од сите малтешки дневни весници заедно. (...) Малта во последните години беше популарна дестинација не само за затајување данок и перење пари, туку и за меѓународната трговија со дрога, шверц на оружје и проституција. Освен тоа, на островот често се кријат италијански мафијаши кои ги бара полицијата и избегани припадници на режимот на Гадафи од Либија“.

„Накусо, на островот се вртат многу пари, со кои не само што се поткупуваат државни службеници и политичари, туку се хонорираат и платени убијци. Во странските медиуми за тоа малку се пишува, но таму подметнувањето бомби во автомобили и одредите на смртта се испробани методи за елиминирање на конкуренти и лица кои некому му пречат. Само мал број такви злосторства се расветлуваат. Метју Каруана Галиција, синот на убиената новинарка, не претерува кога пишува дека во Малта владее култура на неказнивност“.

„Беззаконието стана сериозен проблем за имиџот на државата. На шефот на владата Џозеф Мускат не му преостанува ништо друго, туку да отвори независна истрага - во сптротивно, ќе ја доведе во прашање сопствената кредибилност. Добро е што владата најави дека во истрагата ќе биде вклучена и федералната полиција на САД - ФБИ“, заклучува Ноје цирхер цајтунг.