1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде оди Пакистан?

Торстен Тајхман7 октомври 2007

Во Пакистан е избран нов претседател. Практично реизбран е стариот – Первез Мушараф. Денот по неговиот избор во националниот парламент е резервиран за анализите и коментарите на набљудувачите.

https://p.dw.com/p/BnTu
Приврзаниците на Мушараф ја слават неговата победаФотографија: AP

Се чини на генералот Мушаpаф му е јасно – се работи за национално помирување и демократија. Тој вчера ги доби речиси сите гласови на парламентарците. Тоа се должеше пред се‘ на фактот што пратениците на опозицијата ги напуштија парламентите во Исламабад и во четирите провинциски собранија, или пак се спротивставија на гласањето. Тоа за Мушараф веќе не игра никаква улога: “Му се поклонувам на семоќниот господ што ми подари ваква победа. Го молев населението на Пакистан да го отфрли секој повик за штрајк или демонстрации. Ги молев адвокатите да дозволат да преовлада разумот. И, освен тоа, на сите опозициони партии им понудив помирување.“

Говорот на Мушараф може да предизвика впечаток како тој веќе да е поставен на функцијата. Но, таквиот впечаток е погрешен. Уставниот суд сеуште има можност да ја прогласи кандидатурата на Мушараф за претседател за недозволива. И, тогаш? Мушараф не сакаше да исклучи можност дека во таков случај би можел да прогласи вонредна состојба.

Мушараф црпи моќ од разединетата опозиција

Опозицијата поради тоа вели дека се потврдени нејзините претпоставки дека Мушараф сака само да остане на власт. Политичарот Имран Кан, оценува: “Целата оваа војна против теророт му служи само на еден човек. Војниците и цивилите умираат во регионите каде што се племињата, има самоубиствени напади. Земјата е втурната во хаос само за тоа еден човек да остане на власт. Во две провинции, практично има граѓанска војна, разликите меѓу богатите и сиромашните се секој ден се‘ поголеми, а тука е корупцијата. Целта на сите граѓани на Пакистан е да го сменат Мушараф.“

Да се смени Мушараф е сигурно личната цел на Имран Кан. Но, опозицијата не настапува обединето. Воздржана е пред се‘ партијата на поранешниот премиер, Беназир Буто. Таа профитира лично од изјавата за национално помирување, што МУшараф ја потпиша во петокот. Сега може да бидат симнати обвинуавњата за корупција тешка милијарди, а Буто може и да се надева дека по идните парламентарни избори повторно би станала премиер на земјата. И овде станува збор за власт и опозицијата затоа и не е обединета. Токму од тоа Мушараф ја црпи неговата моќ. Но, тоа не е гаранција за стабилност, вели поранешниот генерал и политички набљудувач, Шафакат Махмуд: “Наредните три до шест месеци ми се чини ќе бидат многу турбулентни. Ова беше многу контроверзен избор, потоа доаѓа решението на уставниот суд, па следуваат парламентарни избори. Мушараф ќе ја симне неговата униформа и според неговите изјави ќе има друг центар на моќ. Според моето мислење од сето ова нема да произлезе стабилност. Јас гледам проблеми и тешкотии.“

Во која насока ќе оди Пакистан по претседателскиот избор ќе стане можеби појасно за десетина дена. Тогаш судиите треба да го кажат своето за кандидатурата на Мушараф.