1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква е иднината на НАТО сојузот?

Д.Ебелинг, М.Фишер дпа/А.Ш/ А.Т1 јануари 2014

Во време на студената војна, НАТО сѐ уште имаше смисол. Донекаде беше јасна и задачата во мировните мисии, но пари има сѐ помалку, исто и волја за војување. Во 2014 би требало да се одлучи за новата задача на Сојузот.

https://p.dw.com/p/1Ak16
Фотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Северноатлантскиот одбранбен сојуз веќе почна да размислува за својата нова улога и новиот период во кој влегува. Имено, по дваесетина години завршува времето на воени мисии, вклучувајќи ја и онаа во Авганистан. Таа мисија во 2011 година го доживеа својот врв со речиси 150 илјади војници од 28 земји членки на НАТО, како и војници од 21 земја партнери и таа би требало да биде завршена најдоцна во декември 2014 година. Како ќе изгледа НАТО потоа? Еден дипломат во седиштето на одбранбениот сојуз тврди дека Алијансата повторно ќе биде „повеќе политички“ ориентирана.

Тоа е веќе втора голема трансформација на западниот одбранбен сојуз. Во периодот на нејзиното основање во 1949 година светот можеби беше поопасно место за живеење, но секако беше и поедноставен. Главната задача му беше да одржи рамнотежа на стравот во однос на безбедносните тенкови и оружје на Советскиот сојуз и неговите сојузници и тоа траше четириесетина години.

1989 година падна Берлинскиот ѕид, а целото социјалистичко царство се распадна. Пеку ноќ и Северноатлантскиот сојуз изгуби секаква смисла, бидејќи и некогашните членки на Варшавскиот пакт станаа членки на НАТО. Почна друг период на Алијансата, кој беше во знакот на драстично намалување на издатоците за одбрана и повремени мисии во кризни подрачја.

„Светски полицаец“

Една од мисиите беа нападите на упоришта на Србите во Босна и Херцеговина 1995. и тоа воедно беше крај на дотогашната главна задача како „колективен механизам за самоодбрана“. НАТО сѐ повеќе стануваше гарант за глобалната безбедност и тоа во мисии кои се протегаа од разоружување на милиции во Македонија во 2001 година, па до бројни мисии по терористичкиот напад во САД во септември 2001 година, кога тогашниот претседател Буш и официјално побара помош од сојузниците поради случај на напад врз една од земји на НАТО. Истовремено се редеа и други задачи, од Косово па до помош на противниците на Гадафи во Либија во 2011 година и мисиите против пиратите во Индискиот океан. Но, и таа мисија, како и во Авганистан, наскоро би можела да биде завршена.

F-16 Jet
По падот на железната завеса НАТО учествуваше во голем број мисииФотографија: dapd

Сега пред НАТО стои трет период и веќе почнаа расправите за новата смисла на одбранбениот сојуз. За идејата воениот сојуз да се врати на политиката има и други аргументи и тие се слушаат во Брисел: „Уморни сме од мисии“ или „Немаме доволно пари“ велат дипломати во седиштето на НАТО. Тие се во право. Западната јавност го поддржуваше НАТО додека стравуваше од советската војна сила, но тоа е далечно минато. Потоа дојде и финансиската криза, која дополнително ја пресуши благајната за издатоци за воени цели.

Малку пари и скапо искуство

Уште сега ситуацијата е таква што ниту воена операција од средна големина не би била можна без Соединетите Американски Држави, иако економската сила на ЕУ е барем еднакво голема како на САД. Сѐ помалите издатоци за војската не предизвикуваат само негодување во Вашингтон, кој бара повеќе од Европејците, туку доведе и до развивање на концептот „Мудра одбрана“, (мали национални војски кои здружени можат да претставуваат делотворна сила). Расправата ќе трае до септември годинава, кога во британскиот Кардиф претставниците на земјите на НАТО треба да се договорат за новата задача на одбранбениот сојуз. Во таа прилика треба да се избере и нов главен секретар на НАТО, оти на актулениот Андерс Фог Расмусен му истекува мандатот. Според негово мислење, НАТО во воените мисии и посебно во Авганистан стекна углед на воена сила каква што немал претходно. „Тоа искуство не смее да биде заборавено“, смета Расмусен.

NATO Generalsekretär Anders Fogh Rasmussen Pressekonferenz zu Syrien in Brüssel
Генсекот на НАТО Андерс Фог РасмусенФотографија: Reuters

Нова епоха и за Бундесверот

Крајот на мисијата во Авганистан значи нов период и за германската војска. Војниците стационирани во Кундус, на северот на земјата, првпат по Втората светска војна повторно учествуваат во воена мисија. Реформата на германската војска која започна во 2010 година, односно годината кога во Авганистан се водеа најжестоките борби, води во правец на подобрување на оперативните способности. Германија би требало да учествува во воени мисии со вкупно десет илјади војници, иако вкупниот број на војници на Бундесверот би требало да биде намален од 250 на 185 илјади.

Symbolbild Bundeswehrsoldat Kundus Afghanistan Soldat Sicherheitspolitik Deutschland deutscher Soldat
Во Авганистан беше првата вооружена мисија на Будесверот по Втората светска војнаФотографија: picture-alliance/dpa

Со оглед на актуелната состојба, Бундесверот во 2014 година нема да има повеќе од 3000 војници во мисиите. Меѓу воените стручњаци, со оглед на расположението во средиштата на моќ, владее мислење дека е малку веројатно дека претстојат некои нови големи мисии.

Имено, сѐ повеќе се зборува за еден вид „Меркелова доктрина“ во која Берлин порадо дава оружје и обучува партнери, за кои смета дека може да им верува, отколку да испраќа германски војници во кризните жаришта. За германската војска тоа може да биде олеснување, но може и да отвори нови проблеми, оти повторно може да се отвори прашањето: Зошто воопшто имаме војска и вежбаме одбрана?