1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Какви приказни се кријат зад бројките на МВР?

30 април 2020

За да се доведат случаите на семејно насилство или самоубиства во корелација со рестриктивните мерки воведени заради корона-кризата, мора да се примени студија на секој случај поединечно.

https://p.dw.com/p/3bae6
Symbolbild Häusliche Gewalt
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

Маж на возраст од 40 години вчера ја убил неговата сопруга во семејниот дом во Арачиново. Полицијата ги истражува мотивите за убиството. Ова е само еден од случаите кои го отвораат прашањето дали и колку се зголемени случаите на семејно насилство, убиства, самоубиства и обиди за самоубиства, и дали тие би можеле да се доведат во крелација со растројства предизвикани од рестриктивните мерки воведени заради корона- кризата.

Дојче веле ги побара од Министерството за внатрешни работи споредбените податоци за случаи на семејно насилство, самоубиства и обиди за тоа, од истиот период лани и годинава. Според статистиката на МВР, во периодот од 12-ти март до 12-ти април 2020 година, евидентирани биле 79 кривични дела за сторено семејно насилство. Во истиот период лани биле евидентирани 109 такви дела, односно 28% повеќе отколку годинава. Ако се разгледуваат одделно седмичните извештаи во посочениот период, може да се забележи дека само во првата седмица од април годинава случаите на семејно насилство биле во благ пораст, а во другите седмици - во стагнација.

Анализа на секој случај

Според експертите, од ова не може да се извлече генерален заклучок дека во во март/април годинава опаѓа бројката на случаи на семејно насилство во споредба со истиот период лани, бидејќи станува збор за пријавени и евидентирани случаи. Комплетната слика може да се утврди само доколку се открие и т.н. сива бројка, која ја сочинуваат случаи кога жртвите решаваат да не го пријават семејното насилството заради срам од околината, стигматизација, од егзистенцијални и други причини. На истите аспекти укажува и дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска.

Symbolbild Junges Mädchen als Opfer von häuslicher Gewalt
Во претстојниот период ќе биде многу значајна психолошката поддршка на ризични лицаФотографија: picture-alliance/Photoshot

„Секако дека оваа состојба не треба да се земе како тренд, затоа што треба да се има предвид дека токму во овој период граѓаните и институциите во нашата држава за првпат се соочија со пандемија од ваков вид и размер, но и мора да се потенцира дека ова се кривични дела кои се пријавени во МВР. Свесни сме дека ограничувањето на движењето на граѓаните во одреден временски период во текот на едно деноноќие можеше да предизвика чувство на заробеност или немоќ кај потенцијалните жртви од семејно насилство. Токму затоа, и покрај рестриктивните мерки и неопходните дозволи за движење во периодот на т.н полициски час, упативме порака до граѓаните - доколку се жртви на семејно насилство слободно може да го напуштат домот или објектот во кој се наоѓаат и ако претходно немале можност да се јават на 192, тоа да го направат во најблиската полициска станица. Секако доколку во меѓувреме бидат сопрени од полициска патрола, полициските службеници ќе им помогнат во нивната заштита“, објаснува Петровска за ДВ.

Според неа, за прецизна анализа ќе треба да помине извесен период, во кој ќе се анализира - како и под кои околности се случило семејното насилство.

„За да се доведе евентуалното зголемување на бројот на кривични дела од семејно насилство во релација со рестриктивните мерки од Ковид-19, во иднина ќе мора да се примени индивидуална студија на секој случај поединечно, со цел да се утврди дали кривичното дело се случува за првпат и под кои околности и причини е сторено. Ваквиот пристап ќе мора да се примени и за случаите во кои е извршено самоубиство или обид за самоубиство, за да може да се имаат предвид точните причини за сторување на овие дела. Оваа анализа ќе помогне во креирањето на заштитни механизми кои институциите мора постојано да ги надградуваат“, укажува Петровска.

Symbolbild Häusliche Gewalt Gewalt gegen Frauen
За прецизна анализа ќе треба да помине извесен период, во кој ќе се анализира - како и под кои околности се случило семејното насилствоФотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

Иста бројка на самоубиства

Според податоците на МВР, нема разлика во бројот на самоубиства во споредуваниот период лани и годинава. Во периодот од 12-ти март до 12-ти април 2020 годинава имало четири самоубиства, а исто толку имало и лани во истиот период. Минатата година во споредбениот период имало 15 обиди за самоубиство, а годинава 13. Но, и во овој случај бројките не говорат повеќе од она што треба да го утврдат стручните лица: дали ова е последица на растројства предизвикани од крантински услови и други ограничувања, или е резултат на причини кои не се поврзани со актуелната состојба. За да се утврди тоа, потребно е да се направи увид во профилот на лицето што посегнало или се обидело да посегне по сопствениот живот, дали и претходно имало самоубиствени намери, и што точно влијаело на тоа.

Според експерти со кои разговараше ДВ, одговорите на прашањата за порастот на случаи на семејно насилство и самубиства бараат обемна анализа, голем број интерсекциски податоци, но и временска дистанца, особено што многу од овие дела не се случуваат сега/веднаш, туку по извесен период, кога латентното незадоволство ќе се наталожи во мера, за која лицето смета дека за него е неподнослива. Тоа значи дека токму во претстојниот период ќе биде многу значајна психолошката поддршка на ризични лица во оваа смисла, за навреме да се превенираат вакви случаи. 

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Граѓаните покажаа дисциплина, велат од МВРФотографија: DW/P. Stojanovski

Граѓаните покажаа дисциплина

Податоците на МВР откриваат и како граѓаните се однесувале кон мерките за ограничување на движењето. Според податоците за пријавени прекршители на таа мерка, од почетокот на рестрикциите до крајот на анализираниот период, таа бројка двојно се намалила. Таков тренд откриваат податоците за периодот од 23-ти март до 28- ми април годинава. Ако во првата седмица (23.3 до 29.3) забраната за движење ја прекршиле 1.017 лица, во следната седмица (30.3 до 5.4) ограничувањата не ги почитувале речиси двојно помалку, 533 лица. Од 6.4 до 12.4 забраната ја прекршиле 654 граѓани, од 13.4 до 20.4. бројката пораснала на 679 лица, а од 21.4 до 28.4 се намалила на 446.  

„Генерално, граѓаните покажаа дисциплина. Иако во одреден период мерките беа исклучително рестриктивни, тие се почитуваат, затоа што зачувувањето на јавното здравје и доброто на сите нас се смета за заеднички приоритет. Секако, бројот на поднесени кривични пријави покажува дека некои од граѓаните од неоправдани причини не ја почитувале забраната за движење или пак не го почитувале решението на државен орган со кој им е изречена мерка изолација. И токму затоа против нив се поднесени кривични пријави. Од дисциплината на секој од нас, зависи општото добро и јавното здравје“, потенцира дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи.