1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како во банана држава, среде ЕУ

Роберт Шварц Превод: Симе Недевски7 јули 2012

Романскиот премиер Виктор Понта со голема брзина ја испревртува земјата. Демократските вредности и правната држава останаа заборавени на патот. Коментар на Роберт Шварц.

https://p.dw.com/p/15Swk

Носена на бранот на големи симпатии социјално-либералната коалиција од нужда на чело со премиерот Виктор Понта на почетокот на мај стапи на власт со објавена цел - да ги поправи грешките на претходната десно-конзервативна влада. Сепак, Понта ја промаши целта. Така, беше игнорирана одлука на Уставниот суд, правата на овој суд се намалени, државниот правобранител е заменет со заслужен партиски човек, сменети беа претседателите на двата дома на парламентот. Освен тоа, претседателот Трајан Басеску е суспендиран од парламентот.

Од социјално-либералниот табор дури и од највисоки функции може да се чуе дека уште треба да се преземе правосудството и тогаш се’ би било под контрола. Состојбата изгледа како во банана република, среде Европска унија.

Оптоварувачки афери

Демократските правила на игра додуша дозволуваат и во други европски држави во случај на промена на парламентарното мнозинство да биде заменет претседателот на парламентот. Сепак, новата влада под закрила на демократскиот парламентаризам, започна да им наметнува едноумие на сите државни институции. Притоа не е сочуван дури ни формално правен привид. Социјално-либералната коалиција се чувствува силна и тоа го покажува. Новата романска демократија е на пат кон автократија по примерот на Украина.

Ваквиот загрижувачки развој е очигледно во врска со две афери кои ја оптоваруваат владината коалиција. Тука пред се’ е случајот Настасе. Поранешниот социјалдемократски премиер на Романија (2000.-2004.) поради нелегално финансирање на партијата издржува затворска казна од две години. Новиот претседател на државата, кој би бил од истата партија, би можел да донесе одлука за негово помилување.

Schwartz_Robert.jpg
Уредникот на редакцијата на романски јазик на Дојче Веле, Роберт Шварц

А тука се и обвинувањата за плагијат против премиерот Понта. Тој наводно препишал повеќе од половина од неговата докторска дисертација. Новиот властодржец, ја стави под своја контрола комисијата која е надлежна тоа да го истражи, така што потврдата на сомневањата кои ги имаше старата комисија е прогласена за неважечка.

ЕУ мора да преземе решителни потези

Со оглед на овие инциденти Европската комисија мора да реагира. Развојот на настаните на периферијата на „старата“ ЕУ предолго се превидува или потценува. По интервенцијата од Брисел поради финансиските трикови во Грција или поради националистичкото свртување в десно во Унгарија сега е потребно и систематско разгледување на состојбата со правната држава во Романија од страна на Брисел. Оној кој не ги почитува принципите, на кои се обврзаа сите членки на ЕУ, мора да биде вразумен. Доколку тоа не се случи, ЕУ и натаму ќе се развива во бирократски „тигар без заби“.