1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до вечен мир

26 септември 2010

Преку донесувањето т.н. интеграционен закон, Берлин сака да дозволи погребување на муслиманите без ковчег. Досега голем дел од муслиманите покојните ги пренесуваат во поранешните татковини.

https://p.dw.com/p/PLdg
Во Германија важат одредени прописи за погребувањетоФотографија: dpa

Важечките прописи во Германија за погребувањето спречуваат многу муслимани да ги погребуваат тука своите најблиски. Така, телата на починатите најчесто ги испраќаат во земјите од каде потекнуваат, за да бидат упокоени според прописите на коранот. За да го промени тоа, Берлин преку донесувањето т.н. интеграционен закон сака да дозволи погребување без ковчег.

Кога новиот закон ќе стапи во сила на почетокот на идната година, телата на починатите муслимани во Берлин ќе можат да бидат погребувани според нивните обичаи, завиткани во платна наместо во ковчег.

Чекор кон поголемо меѓусебно разбирање

Во 2008 година во Берлин починале меѓу 500 и 600 муслимани, според проценките, околу 70 проценти од нив биле погребани во нивните татковини, пред се‘ во Турција.

Но, бројот на оние кои сакаат да почиваат на гробиштата во Берлин, во близина на своите деца и внуци, расте. Берлин сака да го следи примерот на покраините Шлезвиг Холштајн, Хамбург, Долна Саксонија и Сарланд и да ја укине задолжителноста на ковчегот.

За сенаторката на Берлин за социјални прашања Карола Блум тоа значи чекор кон поголемо меѓусебно прифаќање меѓу Германците и муслиманите. На протестите на погребувачите таа им одговара:

„Секогаш кога се воведува нешто ново, расте стравот. Но, погребалните фирми треба да го видат примерот на Хамбург, можноста за избор таму постои одамна. Ова би бил еден навистина убав гест кон многуте муслимани во Берлин“.

И турската заедница, која соработуваше во изработката на законот, ја поздравува можноста муслиманите во иднина да изберат меѓу погребувањето во ковчег или платно.

Погребалните фирми имаат контра-аргументи

Погребалните претпријатија не престануваат со критика, според нив, улога играат и хигиенските аспекти. Волкан Чоскун, директор на исламското одделение на погребалната фирма Ахорн Гринајзен, кој и самиот има турски корени, укажува дека тие на пример вршат околу триста погреби на муслимани годишно и тоа според германските прописи, во ковчег:

Bestattung Islamischer Friedhof
Исламски гробишта во БерлинФотографија: picture-alliance/ dpa

„Никој, освен при погребот на едно бебе, не ни праша дали смее да се погребува во платно, луѓето не го ни сакаат тоа, а погребување се врши во ковчег и во многу исламски земји. Исламското право дозволува таков начин на погреб ако така пропишале законите во некоја земја“.

Во Хамбург на пример, каде погребувањето во платно е можно веќе 15 години, во 2008 година на таков начин се погребани само 59 лица, додека во ковчег 144.

Волкан Чоскун смета дека муслиманите ги погребуваат во нивните татковини од други причини. Во прв ред припадниците на првата генерација доселеници сакаат барем по смртта да се вратат во земјата од каде дошле, од друга страна, гробовите во Берлин се закупуваат само на 20 години, а во Турција се купуваат и остануваат во сопственост засекогаш. Инаку, според исламот, починатиот треба да биде погребан таму каде умрел, земјата е создадена од еден единствен Бог, не постојат разлики меѓу Германија и Турција.

Според проценките, од четирите милиони муслимани кои во моментов живеат во Германија само една десетина од починатите својот вечен мир го наоѓа тука.

Автор: Сабине Рипергер/ Жана Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски