1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до „публика за сите“ во мултиетничките средини?

Свето Тоевски2 февруари 2013

„Културата треба да се симне од национално на локално ниво преку создавање локални културни политики, заради обединување на различностите и создавање заеднички вредности.“

https://p.dw.com/p/17Wwk
Фотографија: DW/S. Toevski

Ова е еден од основните заклучоци и препораки од проектот „Култура од сите – за сите“, кој го имаше спроведувано уште пред две години Центарот за изведувачки уметности „Мултимедија“ од Скопје, истражувајќи го културниот живот во општините Тетово, Гостивар и Кичево. Резултатите од тоа истражување стануваат уште поактуелни особено во сегашниов период, кога низа протагонисти и невладини организации од културата повторно укажуваат на зголемувањето на јазот во комуницирањето меѓу културите на Македонците и Албанците, како и другите етникуми, во етнички мешаните региони и градови во земјата.

Виолета Симјановска, извршната директорка на „Мултимедија“, нагласува: „Истражувањата што ги направивме при креирањето на локалните културни политики покажаа дека се значително запоставени од сите политички елити мултикултурализмот и градењето на мултикултурниот идентитет во етничките мешани средини. Дека граѓаните се тие кои ја плаќаат цената поради негрижата кон ова важно прашање. Сите испитаници во истражувањето сметаат дека мора да се подобрат меѓуетничките односи во мешаните средини, како поле во кое треба значително да се инвестира. Сите општини во кои работевме – Тетово, Гостивар, Кичево, а претходно  и во Струмица, Пробиштип, Неготино, Дебар и Ресен  – се повеќе се свесни за мултикултурниот контекст и за потребите на ’другоста'. Овој мултикултурен контекст има свои предизвици, кои треба да се третираат на исклучително внимателен начин.“

„Потребни се финансиски фондови за заеднички културни активности“

Во Тетово постојат успешен професионален градски театар, но, со претстави, публика и ансамбл само на албански јазик. Постојат и неколку успешни аматерски театарски групи на македонски јазик. Во оваа градска средина нема доволно елементи на заедничкост и во други сфери од културното живеење. Како да се изградат заедничкиот мултиетнички идентитет на Тетово како град и заедничка мултиетничка културна политика: - го праша ДВ Вулнет Зенку, извршниот директор на невладината организација „Мултикултура“ од овој град.

Vulnet Zenku
Фотографија: DW/S. Toevski

Тој одговара: „Треба да постојат заеднички културни финансиски фондови, кои ќе бидат користени само од оние друштва, или театарски групи што ќе работат заедно. Државата да издвојува пари за развивање заеднички културни политики и да не финансира одвоени проекти, на пример, посебно за албански театарски групи и посебно за македонски театарски групи. Ова нема да биде лесно, бидејќи е многу голем јазот меѓу граѓаните Македонци и Албанци. При издвојувањето средства за културата во иднина да има реален буџет за спроведување вакви заеднички култгурни активности. Во моментов состојбата е многу лоша, оти немаме заеднички иницијативи, освен оние на невладините организации кои работат на тој план. Културните институции во градот се поделени.“

Ттреба да се имаат предвид и дел од проблемите во културата и во Гостивар, кои беа искажани од испитаниците во истражувањето на „Мултимедија“: „Постојат недостиг на дијалог меѓу етничките заедници и недостиг на негување на нивната традиционална култура, при што се случуваат и гаснења на нивните културно-уметнички друштва.“ Центарот за изведувачки уметности „Мултимедија“ посочи: „Замислата е културните услуги, добра и вредности да бидат креирани ’од сите' и да бидат достапни ’на сите' во заедницата, низ синтеза на креативноста и потенцијалите на институциите, културните актери во заедницата, локалната власт, уметниците и неформалните уметнички групи и граѓаните, без оглед на етничката припадност“. Но, како да се гради „публика за сите“, кога културни политики во споменатите градски центри се и натаму напати речиси моноетнички „скроени“ и ориентирани кон „својата“ публика?

Јана Манева-Чупоска, декан на Факултетот за уметност и дизајн на Европскиот уметност од Скопје, истакнува: „Ако се употребува низ призмата на уметноста, мултикултуралноста може да биде крајно функционална. Неопходно е да ги отвориме повеќе вратите кон уметноста, која не познава граници, ниту различни јазици. Таа не распознава ниту различна публика, која ќе биде поодделна, туку е отворена кон сите. Клучна улога има самата локална самоуправа, која треба да инсистира на заедништво и на публика, која не влегла да гледа претстава од дело на автор од друг етникум: ако се изведува претстстава на албански, или турски јазик и ако сака да ја види некој Македонец, кој не ги разбира овие јазици, треба да му се овозможи да ја разбере. Репертоарот треба да се прави понекогаш и за општа публика, за да дојдат повеќе луѓе. Целта е различностите да бидат соединети, заради подобар живот.“

Симјановска е категорична: „Постојат повеќе начини како се гради публика, има и специфично изградени инструменти за етнички, или културно мешани средини: креирање програми, кои ќе бидат од заеднички интерес за сите граѓани, потоа, градење нови модели на културни институции, кои ќе бидат отворени спрема граѓаните. Да се креираат политики во врска со споменици што ќе се насочуваат кон одбирање ликови, или митови од заеднички интерес на сите граѓани, кои ќе обединуваат, не да разединуваат.“

Останува да се види дали во наредниве години во земјата со локалните стратегии и националната стратегија за развој на културата ќе се успее да се отворат канали за искажување на разновидностите во локалните мултиетнички заедници и за граѓански концепт во културниот развој.