1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до фер и демократски избори?

Александар Чомовски3 февруари 2009

Клучот е во власта и кај политичките партии кои треба да покажат вистинска волја за легитимни избори преку својот личен пример. Меѓународните претставници во Македонија бараат легитимна политичка борба.

https://p.dw.com/p/GmWq
Од поранешните гласањаФотографија: AP

Македонија треба да ги едуцира изборните органи, да ја подигне јавната свест и да ја подобри информираноста на гласачите, посебно на жените во руралните средини, за да се справи со феноменот на семејното гласање на изборите. Ова е заклучокот од денешната расправа на семинарот во организација на Програмата за развој на ОН и Државната изборна комисија, во пресрет на претседателските и локалните избори.

Легитимна политичка борба

Новиот шеф на мисијата на ОБСЕ во Македонија, Хозе Луис Фереро, смета дека едукацијата треба да биде во насока на создавање на политичка култура. Политичката борба според него е добра, но само додека е легитимна. Фереро истовремено предупреди дека насилството, заплашувањето и семејното гласање претставуваат преминување на црвената линија. Слична е пораката и на евроамбасадорот во земјата Ерван Фуере, според кого македонските власти мора да креираат атмосфера на слободни избори. Притоа тој смета дека клучната улога треба да ја одиграат политичките партии. Фуере предупреди дека изборните правила мора да се почитуваат на целата територија на земјата.

OSCE Organization for Security and Cooperation in Europe
Логото на ОБСЕФотографија: AP

Партиите се свесни за одговорноста

Претставниците на релевантните политички партии во земјата се согласни дека партиите со своите активности треба да ја понесат клучната одговорност за фер и демократски процес и надминување на нерегуларностите од изборите во јуни 2008 година. ВМРО-ДПМНЕ најави дека во обид за спречување на изборните нерегуларности, високи партиски претставници на денот на изборите ќе излезат на избирачките места, каде на минатите избори беа регистрирани неправилности. Од оваа партија сметаат дека претставниците на партиите во моментов имаат поголемо влијание од претставниците на државните органи.

СДСМ смета дека идејата на ВМРО-ДПМНЕ може да се протолкува и како обид за притисок и влијание врз гласачите. Од оваа партија велат дека не постојат несогласувања околу приоритетот за фер и демократски избори, но прашањето е како тоа да се постигне во пракса. ДУИ соопшти дека нема интерес да се служи со незаконски методи. ДПА, пак, смета дека поголем проблем е процесот на купување гласови, во кој според оваа партија се инволвирани сите политички субјекти.