1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како ЕУ ја киднапираше „Европа“

Саша Бојиќ
11 август 2018

Европа не е нешто што може, мора или треба да се заслужи. Европската унија е нешто што може, а не мора, да се избере. Саша Бојиќ влезе во пресметка со злоупотребата на јазикот и изедначувањето на поимите „ЕУ“ и „Европа“

https://p.dw.com/p/32QDg
Albanien Tirana Feierlichkeiten Schengen VISA Freiheit
Фотографија: DW/Ani Ruci

Келнските домородци се во принцип љубопитни луѓе. Мојот сосед Берни пред некој ден ме праша „како е сега во Србија?“ Прочитал во весниците нешто за притисокот на власта врз медиумите во таа земја во која никогаш не бил, но, сега вели, му е јасно дека „таму нешто крупно мора да се промени доколку Србија сака да се најде во Европа“.
Истиот момент ми скокна адреналинот. Уличните звуци се деформираа, сликата на Бернхард кој опуштен стои пред својот влез стана искривена, омекната и провидна. Моето видно поле егошутерски се обои во црвено и се најдов во состојба наречена „Удри или бегај!“
Берни ми е драг, но вистината ми е подрага. Се определив за „удри“.
Мозокот грозничаво ми работеше како претходно, наместо земички со пивски колбас, да сум се најал со мескалин. Како Бредли Купер во филмот „Без граници“ во микронски делови од секундата се потсетив на разно-разни глупости кои, од создавањето на Европската унија досега, се етаблирани и спакувани во премолчен консензус за тоа што е Европа.
Најголемата меѓу нив, секако, е сеприсутното поистоветување на Европа и Европската унија.
Може Европската унија да е „заедница“, „организација“ или „семејство“, но што и да е, таа не е континент. И покрај тоа, таа своите институции отсекогаш ги нарекувала „европски“, без разлика дали се работи за Европскиот парламент, Европската комисија, Европската инвестициска банка или други установи. И така минуваа децении, а ЕУ полека но сигурно го узурпираше јазикот. Секој јазик. Германскиот како и српскиот.
Така што, сега луѓето нормално говорат за „проевропски“ сили, движења, ориентации, во земји како што се Србија или Албанија. Тоа се сили, движења и ориентации кои себеси си поставиле генијална цел: еден ден да стигнат таму од каде што тргнале. На полуостровот на евроазиската плоча. 

Deutsche Welle Fernsehmoderator Serbisch Sasa Bojic
Саша БојиќФотографија: DW

Линија на раздвојување

Во сеќавањето на многу основци од СФРЈ е линијата на раздвојување на Европа и Азија која се учеше како песничка: „Планина Урал, река Урал...“ итн. А во германскиот дел на Европа, во 21 век, Централната за политичко образование која и припаѓа на владата на својата интернет-страница пишува: „Границите на Европа не се фиксирани, туку се подложни на различни промени и интерпретации“.
Па ајде ве молам? Јас барем никогаш не сум слушнал за интерпретација според која Украина и Белорусија се азиски земји (иако сум ја слушнал изјавата на германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас од март оваа година дека „Русија е најголемиот сосед на Европа на исток“, но тоа нема врска...).

Бидејќи, многу политичари на Европа не гледаат територијално, туку како на „заедница на вредности“. Е- тоа е една од синтагмите кои, кога не би се борел за слобода на изразувањето, би ја забранил. Но е многу омилена во „Европа“. Не знам на што точно се однесува, но знам дека оној кој се повикува на „вредности“ со самото тоа некого премолчено го изопштува од својот систем. Доколку на „Европа“ се гледа како на таа „заедница на вредности“, тогаш Србија во нивните очи за викендот стана ватерполо првак на Црна Дупка.
Од друга страна, драг мој соседе, има многу податоци за корупција, мафија, трговија со луѓе или убиства на новинари во „заедницата на вредности“, но во неа очигледно има и повеќе пари за хипокризија. Како и за воспоставување монопол над јазикот.

Половина секунда подоцна, одлучив на Берни во лице да му го истурам и фактот дека со својата реченица во Црна Дупка испрати и околу шест милиони квадратни километри и околу 200 милиони луѓе кои се дел од Европа. Во Словенија во 1991 година граѓани беа бришани од регистарот на граѓани; во твоја Европа, мој Берни, граѓаните се бришат од политичката свест и така се претвораат во духови на системот кои стојат на периферијата на својот олимписки круг и чекаат да им се дозволи да стапат во него. А не е така. Кога последен пат си слушнал за проафриканската ориентација на Јужноафриканската република?
„Кога последен пат воопшто си размислувал за јазикот со кој се служиш?“
„Зошто“, рече Берни, „да не реков нешто неправилно?“

Драгиот, помирлив сосед беше подготвен да ме сослуша. Црвената боја почна да исчезнува од моето видно поле. Влеговме во куќата, отворивме по едно пиво и си наздравивме. Рамката на приказната стана течна. Но, јас останав буден.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема