1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како извозниот суфицит на Германија придонесе за кризата

Андреас Бекер
10 август 2018

Германија извезува премногу, а увезува премалку. Многумина се горди на тоа. Сепак, критиките на ваквиот деловен модел се сѐ побројни, а Германците не сакаат да ги разберат. Коментар на Андреас Бекер.

https://p.dw.com/p/32xBb
Symbolbild Export Container Deutschland Hamburger Hafen
Фотографија: Fotolia/Tran-Photography

Во Германија, некогашната „земја на поетите и филозофите“, комплексното размислување се чини сѐ повеќе се избегнува. Ваквиот впечаток се создава кога ќе се фрли поглед на дискусиите за економската ситуација во изминатите години. Должничката криза, поради која монетарната унија можеше да се распадне, од германски агол е проблем на „кризните земји“. Грците, Португалците, Шпанците и Италијанците „живееле над своите можности“ и „се задолжиле до грло“, наместо да работеле повеќе и да штеделе. Ова во Германија може да се слушне и ден-денес.

Тоа се зборуваше не само по кафеаните, туку и во медиумите, но и во политички Берлин, каде поранешниот министер за финансии Волфганг Шојбле како пример ги наведе штедливите германски домаќинки. Слично аргументираа и германските економисти, покажувајќи ја со тоа интелектуалната ограниченост која постои во Германија кога станува збор за оваа дисциплина.

Сѐ направено како што треба

Германците и натаму сметаат дека се во право и тоа постојано го поткрепуваат со стопанскиот пораст и добрата економска ситуација. Невработеноста е рекордно ниска, економијата цути, а германските автомобили и машини се продаваат извонредно - ширум светот. Со други зборови, „ние направивме сѐ како што треба“.

Морис Обстфелд, шеф-економ во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), е еден од оние кои со години се противат на таквото поимање на работите. Како трпелив учител кој му се обраќа на дете кое тешко сфаќа, тој во гостински текст за германскиот весник „Ди велт“ направи нов обид за германската јавност да слушне и поинаков аргумент, кој гласи: „Германците продаваат и извезуваат многу, но купуваат премалку од странство.“

Последица на тоа е суфицитот во извозот од 122 милијарди евра само во првата половина од 2018 година. Многу Германци се горди на оваа бројка: заработиле многу пари, потрошиле малку - сѐ по примерот на штедлива германска домаќинка.

Becker Andreas Kommentarbild App
Андреас Бекер

Задолжувањето како деловен модел

Според Обстфелд, пак, големиот суфицит во билансот претставува закана за слободната трговија и за глобалната финансиска стабилност. Трајно да се извезува многу повеќе отколку што се увезува значи дека сопствениот деловен модел се заснова врз задолжувањето на други.

Според пресметките на ММФ, околу 20% од светскиот трговски суфицит минатата година се должат на Германија, а следува Кина со 11%.

Обстфелд не е осамен со својата критика. Американскиот претседател Доналд Трамп се жали поради германскиот суфицит, а тоа го прави и ОЕЦД, додека Европската Комисија дури постави и горна граница. Суфицит кој изнесува повеќе од 6% од брутодомашниот производ е оквалификуван како „загрозување на стабилноста“. Германија е со години значително над горната граница. Теоретски, ЕК може да покрене постапка против Германија, но сѐ се завршува со пријателски предупредувања.

Штедливоста како фетиш

Што да правиме кога нашите производи се толку популарни? Тоа е омилениот аргумент кој доаѓа од германска страна. Меѓутоа, тој аргумент потполно отстапува од суштината на проблемот. Никој не го критикува германскиот извоз, туку слабиот увоз. А, причините за тоа се во германската сфера на одговорност.

Домашната потрошувачка, пред да почне малку да се зголемува, стагнираше речиси 20 години, наведува фондацијата „Ханс Беклер“. Слично се движеа и платите, пред сѐ во делот на средни и ниски плати. А и на прв поглед сјајната статистика што се однесува до вработеноста пазарот на работна сила се должи на порастот на вработени со ниски примања и на отежнатите услови за работа.

Покрај тоа, во јавниот сектор има премалку инвестиции. Патиштата и мостовите се во лоша состојба, возовите ретко доаѓаат на време, воведувањето обновливи видови енергија не напредува, дигитализацијата заостанува. Во исто време, општините и градовите мораат да штедат каде што се може: на базените, објектите на културата, домовите за стари лица, училиштата и градинките. „Позитивната нула“ која значи дека веќе нема долгови и за која сонуваат министрите за финансии, е своевиден фетиш во Германија, рече во една прилика францускиот претседател Макрон.

Незадоволство и жртвени јагниња

Германската влада во меѓувреме прави напори да не ја отфрла толку бргу критиката за суфицитот како што тоа го правеше порано. Таа укажува на зголемените плати и инвестициите. Па сепак, може да се направи повеќе. Само еден пример: додека станарините во многу централни градски подрачја станаа превисоки за многу граѓани, бројот на социјални станови е многу намален. Тој број денес е само половина од бројот на социјални станови во 1990 година.

Инфраструктура која пропаѓа, високи станарини, недоволен број места во градинките - сето тоа создава незадоволство кое се инструментализира и политички. Аргументот кој се користи е следниов: ним (порано „на Грците“, а во меѓувреме и „на бегалците“) им фрламе пари, а за нормалниот граѓанин нема пари.

Тоа дека германското фиксирање на штедење и истовремено воздржувањето од инвестиции и зголемување на платите е еден од предизвикувачите на кризата, како што тврдат Обстфелд и други економски експерти, е мисла која за Германците очигледно е прекомплексна. Можеби Доналд Трамп би требало уште еднаш да се позанимава со оваа тема во некој од своите твитови.