1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како малку да се продаде за многу?

6 ноември 2007

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоан вчера во Вашингтон дојде за да добие согласност од претседателот Џорџ Буш за влез во Северен Ирак. Не го доби тоа, но затоа барем потврдата за неопходноста да се војува против ПКК.

https://p.dw.com/p/C4hK
Ердоан и Буш: обајцата се во „сос„Фотографија: AP

За американскиот претседател работата е јасна: ПКК во Северен Ирак е терористичка организација и заеднички непријател. Силни зборови и ништо повеќе. Зашто Буш едно не сака во никој случај: против заедничкиот непријател воено да се настапи во единствениот релативно мирен регион во Ирак. Премиерот Ердоан пак, кој на домашен план е под силен притисок, се заканува со влез, меѓутоа порадо би сакал да види како тоа го прават САД. Зашто Ердоан е свесен дека не може да ја добие таа битка. Уште повеќе: турско влегување во Северен Ирак би можело како последица да предизвика граѓанска војна. Во меѓувреме 100 илјади турски војници се на границата, но тоа се уште е политика на ѕвечкање со оружје со ограничени воени акции.

И претседателот Буш е заглавен во дилема. Тој седи меѓу сите столици. НАТО сојузникот Турција им дозволува на САД да ја користат базата Инџирлик за снабдување на војниците во Ирак и Авганистан, и затоа сега Турција со право бара помош. Меѓутоа, Вашингтон се смета за заштитник на Курдите во Ирак што ги зголемува недоразбирањата со Анкара. И згора на се: тука и курдско-иранската ПЈАК, посестрима на ПКК, која добива оружје од САД за да извршува напади во Иран. Во случај на воена акција, како американската армија би правела разлика меѓу борците на ПКК и ПЈАК? За САД целиот Среден исток стана кризно подрачје, што е удар врз сопствената стратегија. Нова криза во Северен Ирак ќе го заокружи дебаклот. Токму од тие причини Ердоан во Вашингтон постигна малку. Буш му вети пристап кон информациите за ПКК. Тоа конкретно значи, сознанија за текот на парите и транзитот на личности преку аеродромите. Тоа што Ердоан се задоволи со толку покажува дека обајцата играат на време. Во Северен Ирак доаѓа зимата, кога борците на ПКК се повлекуваат во планините. Се намалуваат нападите врз турската армија, што набргу би довело и до смирување на труското население. Ердоан сега е пред задачата на населението и генералите американските ветувања да им ги продаде како успех.