1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

290610 währungsunion 2 d-mark

3 јули 2010

Во текот на преговорите за обединување на Источна и Западна Германија се наметна потреба за брзо воведување на монетарната, економска и социјална унија, три месеци пред официјалното обединување на Германија.

https://p.dw.com/p/O7Xo
Фотографија: picture-alliance / ZB

Германија пред дваесет години, решавачки недели: Берлинскиот ѕид веќе падна, двете германски држави го договараа обединувањето, а многумина од граѓаните на Истокот беа нестрпливи и сакаа да се преселат на Запад. За да се спречи тоа, на 1 јули 1990 година беше извршена монетарната, економска и социјална унија, а официјалното повторно обединување на земјата уследи дури три месеци потоа. Платите и станарините беа заменети во сооднос еден спрема еден на источната со западногерманската марка; исто така и штедните влогови, но само до износ од 2 илјади источногермански марки за лица до 15-годишна возраст, до 4 илјади за оние помеѓу 15 и 59 години, и до 6 илјади за постарите од 60 години. Долговите, пак, беа сметани според курсот две источни за една западна марка.

Како дојде до монетарната унија?

Границите беа отворени, западните стоковни куќи со регали полни со најразновидна стока беа за граѓаните од Истокот контраст во однос на животот во социјализмот. Но, за да можат да купуваат, ним им беа потребни западни пари. Затоа повторно излегоа на улица барајќи брзо воведување на западногерманската марка и во Германската Демократска Република. Неа секојдневно ја напуштаа илјадници луѓе, не гледајќи веќе иднина таму.

DDR Deutschland Währungsunion DDR-Bürger mit D-Mark Scheine
Граѓани на поранешната ГДР со германски маркиФотографија: AP

Огромен беше притисокот врз политичарите за брзо дејствување. Тие отфрлија постепено воведување на западногерманската марка во источниот дел и уште во мај 1990 донесоа решение за монетарна унија, што требаше да им отвори надеж на луѓето од Истокот. „На своите сонародници во ГДР им велам: воведувањето социјално пазарно стопанство им ги нуди сите шанси. Свесно давани гаранции дека Мекленбург и Предна Померанија, Саксонија и Анхалт, Бранденбург и Тирингија наскоро пак ќе бидат економски процутени пејсажи“, порача во мај таа година тогашниот западногермански канцелар Хелмут Кол.

Само шест недели подоцна западната марка стана единствено платежно средство за обата дела на Германија. Емисионата Бундесбанка префрли повеќе од 25 милијарди марки во ГДР. Источногерманците навалија на банките во ноќта спроти први јули.

Автор: Ања Кох/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска