1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како може да биде уништено хемиското оружје на Сирија?

Александер Дрексел/ Симе Недевски15 септември 2013

Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле смета дека Германија би можела да учествува во уништувањето на сириското хемиско оружје. Германските фирми, имено, имаат доволно ноу-хау за уништување на бојни отрови.

https://p.dw.com/p/19gaN
Фотографија: picture-alliance/dpa

Хемиското е едно од најсуровите оружја. Испукано во гранати или ракети или фрлено во бомби или распрснато од авиони, тоа убива мачно, остава трајни последици врз луѓето кои дошле во контакт со него и може долгорочно да контаминира области.

Многу воени стратегии кои вклучуваат користење на хемиски арсенал поаѓаат од што поголем број повредени и убиени лица и контаминација на определени области. Така здравствениот систем на противникот станува преоптоварен, а неговото оружје бескорисно. Истовремено, целта е и да се прекинат патиштата на снабдување.

Искуствата од Првата светска војна, во која пред се‘ беа користени хлор и иперит, доведоа до потпишување на меѓународен договор во 1925 година. Со т.н Женевски протокол е забрането користењето на хемиско оружје, но не беше регулирано неговото истражување, производство и складирање. Дури по Студената војна е направен и следниот чекор. Од 1993. година со Конвенција на ОН се забранува и поседување на хемиско оружје. Договорот го имаат потпишано 189 држави.

Russland Zweite Fabrik zur Vernichtung von Chemiewaffen in Betrieb Kambarka
Постројката Камбарка во Русија за уништување на хемиско оружје изградена со германска помошФотографија: picture-alliance/dpa

Уништени десетици илјади тони хемиско оружје

Според информациите на Огранизацијата за забрана на хемиското оружје (ОПЦВ) севкупно ширум светот имало 71.196 боен отров и 8,67 милиони парчиња хемиско оружје. Од 1990-те години наваму бојните отрови и муницијата се уништуваат меѓу другото и со примена на германско стручно знаење.

Во Минстер, во Долна Саксонија, државното претпријатие ГЕКА уништува муниција со бојни отрови користена за време на двете светски војни. Фирмата Ајзенман од Беблинген во покраината Баден Виртемберг градеше постројки во Русија, Албанија и Јапонија за уништување на различни отровни хемиски супстанции. Менаџерот во претпријатието Ајзенман, Уве Нојман, за ДВ вели дека неговото претпријатие има стекнато многубројни искуства, меѓу другото за уништување на отрови, кои содржат хлор и арсен, но и со нервни агенси како што се саринот или VX.

Uwe Neumann
Уве Нојман, експерт за хемиско оружје во германската фирма Ајзенман во БеблингенФотографија: Eisenmann

Бојните отрови, наједноставно кажано се уништуваат со согорување, вели Нојман. „Имаме печка со температура на согорување од 1200 Целзиусови степени. Бојните отрови во неа термички согоруваат и со тоа бојниот отров е уништен. Останува само гас, кој и натаму содржи штетни материи. Тој отпаден гас се пречистува со различни процеси“.

Различни постројки за различни бојни отрови

Постројките се разликуваат во конструкцијата на делот за пречистување на отпадниот гас. Нервните отрови како саринот при високи температури различно реагираат од, на пример, иперитот. Но согорувањето е дури последниот чекор во процесот на уништување на бојни отрови. Најнапред мора да се раздвои супстанцијата од муницијата, вели експертот за хемиско оружје Ралф Трап. „Мораме да отвориме гранати и бомби за да го извадиме бојниот отров. Дури тогаш тој може да се уфрли во постројката за уништување на хемиски супстанции“. А тој дел од работата е опасен и потребни се специјални техники и време.

Исто така, можно е хемиското оружје најнапред да стане бескорисно за војската. Единствен услов е отровите да бидат одвоени од муницијата, појаснува Трап. „Со хемиски средства можно е да се изведе првична детоксикација. Тогаш имаме мешавина која и натаму е отровна, но е неупотреблива за воени цели. На крајот супстанцијата целосно би се уништила“.

Уве Нојман, сепак, се залага за директно уништување со согорување. Така процесот може побрзо да се заврши, што е посебно важно во случајот на Сирија. Според сите извештаи, нејзиниот хемиски арсенал е складиран на повеќе места, што говори против употребата на една постројка, вели Нојман:„Сметам дека би требало да размислиме за повеќе децентрализирани постројки. Со тоа би ги минимализирале транспортните патишта и ризици“.

Infografik Syriens Drohpotential
Локации на кои што, според претпоставките, има оружје во Сирија

Уништување во наредните две години

Во основа Нојман смета дека во Сирија е можно да се уништи хемиското оружје. „Ако прифатиме 1000 тони, предвидувам дека по изградбата на постројките би можеле да ги уништиме отровите во рок од една година. За изградба на мали децентрализирани постројки, под услов да нема проблеми со инфраструктура и секаде да имаме зелено светло, веројатно би била потребна уште една година“ , вели Нојман. Проценки кои би важеле се разбира доколку Сирија навистина дозволи да биде уништен нејзиниот хемиски арсенал.