1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Мохамед стана популарно име во Берлин?

Остин Дејвис
9 мај 2019

Веста дека минатата година во Берлин 280 новородени деца го добиле името Мохамед предизвика реакции кај десничарите. Но, студијата не го даде и неопходниот контекст, што сега е предмет на критика.

https://p.dw.com/p/3ICDY
Neugeborenenstation im Krankenhaus
Фотографија: picture-alliance/dpa

Минатиот четврток Друштвото за германски јазик ја објави годишната студија за најпопуларните имиња кои ги добиваат новородените деца во Германија. Анализата на преку 700 регистри во земјата открива дека во 2018 година најмногу девојчиња го добиле името Мари, а момчиња Паул.
Но, извештајот кој се објавува секоја година брзо стигна и до полето на политиката и пропагандата бидејќи 280 од 22 илјади новородени деца во главниот град Берлин добиле една од верзиите на името Мохамед. Берлинскиот весник Тагесшпигел тоа го пренесе под бомбастичен наслов „Мохамед е по популарен од Карл-Хајнц“. Тоа име и неговите варијации се меѓу десетте најпопуларни имиња во шест од 16 германски покраини.
Информацијата беше дочекана на нож во дел од политичката сцена, особено меѓу приврзениците на десничарската Алтернатива за Германија. Реагирајќи на истражувањето, берлинскиот огранок на таа партија на Твитер објави фотографија на жена со марама која предава во училиште со порака: „Стоп за исламизацијата. Само со АфД!“ 

Загубен контекст
Но, извештајот за зачестеноста на името не го дава потребниот контекст, вели Габриеле Родригез која на Универзитетот во Лајпциг ги истражува семејните номенклатури. Таа укажува дека многу семејства со потекло од арапскиот свет негуваат традиција барем еден од синовите да го носи името на пророкот Мухамед.
„Не постои голем избор на имиња кои можат да се дадат за разлика од германските семејства“, вели Родригез за ДВ, укажувајќи дека дури и најпопуларните имиња достигнуваат најмногу два до три отсто од новороденчињата.
Мохамед- во своите 25 варијации- е на прво место во Берлин само доколку се смета првото, но не и второто или третото име во сложените имиња. Доколку би се сметале сите, шампион би бил Александер, кое Германците најчесто им го даваат како второ име на момчињата. Доколку се земе во предвид целото име, тогаш Мухамед е дури на 24 место во Германија.
Во тоа е дел од проблемот: Друштвото за германски јазик порано ги сметаше сите имиња, а од 2017 година објавува одвоена листа на првите имиња. „И ние сфативме дека резултатите се можеби малку збунувачки“, вели Фрауке Ридебуш од ова друштво за ДВ. „Но низ листата на први лични имиња имаме дополнителен аспект за споредба кој порано го немавме“.

Страв од промени

Родригез вели дека на овој пример се гледа стравот на Германците од промени во општеството. „Повеќето нови имиња за бебиња во Германија се странски и се сметаат за егзотични- на германското уво му треба само време за да се навикне“, вели овој научник. „Тоа не е проблем во урбаните центри, но на другите места луѓето тоа го гледаат како закана, иако во селата, каде најмногу се говори за ова како за проблем, странци едвај и да има“.
„Не се работи само за личните имиња- туку за се што има врска со странците“, заклучува нашата соговорничка. „Тоа е вода на воденицата на Алтернатива за Германија која ја зацрта целта да го штити стравот на основа на вакви нешта за да опстојува“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи