1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како настана „петтото годишно време“ ?

11 ноември 2009

Во Рајнската област во Германија денеска (11.11.09) почнува карневалот. Таканареченото „петто годишно време“ годинава ќе заврши во февруари. Карневалот има долга традиција која почнува уште од 13 век.

https://p.dw.com/p/GynJ
Карневалисти во КелнФотографија: picture-alliance/ dpa

Првите докази за прославата на карневалот во германското јазично подрачје датираат од 13 век. Тогаш, пред почетокот на постот, луѓето уште еднаш весело прославувале со големи количества храна, месо и сирење, путер, маст и јајца. Цел на гозбата била да се потроши зимницата. Гозбите подоцна биле збогатени со разни манифестации, па за време на карневалот се одржувале и паради и обичаи, како гаѓање со јајца. Во доцниот среден век, многумина го славеле карневалот отмено, зад затворени врати во домашна атмосфера. Но, од 13 век луѓето се' почесто слават јавно, особено во поголемите градови. За време на гозбите, пак, гостите ги забавувале улични циркузанти.

Во 15. век црквата ги прогласила прославите за непожелни

Со музиката и танцот, но и преку обичаите, карневалистите го задржувале доброто расположение. Омилени игри им биле турнирите и трките. Во мода биле и алегоричните изведби, а притоа се персонифицирале покладите и постот, животните и прехранбените производи. Се' до крајот на 14 век покладите се прославувале радосно, луѓето се забавувале. Но, во 15 век се’ се сменило. Црквата одненадеж ги прогласила за непожелни карневалските прослави. Теолозите, согласно со учењата за двете царства на црковниот татко Аугустинус, ги сметале прославите за безбожни. Покрај царството на Господ, покладите се сметале за царство на безбожникот Бахус, римско божество на виното и вегетацијата и Небукаднезар, кралот од Вавилон.

Deutschland Geschichte Kölner Karneval Holzstich 1870
Карневалот во минатите столетијаФотографија: picture-alliance / akg-images

Во средниот век, карневалското царство станува поим за лошото. Сепак, тоа живее до денешен ден на карневалите во Келн и Минхен преку принцови, гласници, единаесетчлените совети и гардите. Бројот единаесет е број на шегаџиите и дворските шутови. Затоа, на многу места карневалот секоја година почнува на 11.11 во 11 часот и 11 минути.

Маски на вештерки и демони

Тоа што црквата го оцрнила карневалот веднаш се забележало на маските и облеката, кои се носеле за време на поклади во 15 век.

На сцена настапиле ѓаволот, вештерки, демони и диви луѓе кои трчале низ улиците, цигани и црнци, Турци или Евреи. Не недостасувале ниту животните: мечките и свињите ја симболизирале лакомоста, кокошката и овнот - блудноста, магарето - мрзливоста, а ламјата ја симболизирала зависта.

Преродба на карневалот

Во периодот на 15. и 16. век карневалот доживува преродба. Одеднаш настаните од секојдневието стануваат тема за пародија.

Со раскинувањето на нормите, во доцниот среден век, дворскиот шут, кој се шегувал на сметка на поредокот и владетелите, станува централна карневалска фигура. Се препознавал по палката во облик на жезол, прапорците, шутрачка шапка и костумот составен од сошиени парчиња текстил. Негова паралела во италијанската „Комедија дел Арте“ е фигурата на Арлекин.

Во периодот на реформаторството и просветителството, карневалските традиции ја губат популарноста. Воодушевувањето за старите обичаи и слави се вратило со романтизмот, во 19 век.

Кои се карневалските обичаи?

Galerie Karneval Köln 1949
Карневалот во Келн во 1949 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Карневалски ритуали и обичаи има во изобилство, од кршење стакло, горење кукли од слама на клада или тркалање запалена автомобилска гума низ падина, па се' до суеверни обичаи на народот, како на пример дека на покладнички вторник не смее да се прави свадба, оти ѓаволот копал на тој ден. Или, ако се капеш трезен во вторник за време на карневал, ќе исчезнат болките во грбот. Од прославата во Базел со тамошните демони, џуџести духови и карневалска музика, преку таканаречениот „шутрачки скок“ во најстариот град во покраината Баден Виртемберг, Ротвајл, па се‘ до карневалот во Мајнц и поворките во Келн, карневалски седници и балови, на многу места до денес егзистираат старите карневалски традиции.

Karneval Weiberfastnacht 2009
Карневалот денесФотографија: AP

Карневалот во Германија повторно оживеа по Втората светска војна. Оттогаш, во карневалските метрополи од година во година се повторуваат обичаите, се исмејува дневната политика, има пародични маски и коли во поворките. Еднаш годишно, многумина сакаат да избегаат од своето секојдевие, да се скријат зад маска и да почнат да слават. За многу луѓе карневалот е убава можност да се опуштат и изживеат барем една недела.

Автор: Дитер Давид Шолц / НА

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска