1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како се бранеа приведените пратеници пред шест месеци

28 ноември 2017

Во изјава за ДВ во мај годинава пратеникот Крсто Мукоски тврдеше дека не ја отворил вратата на парламентот, а Љубен Арнаудов - дека ништо не е така како што изгледа. Тврдеа дека не го организирале „упадот“ на 27-ми април

https://p.dw.com/p/2oNGn
Mazedonien Proteste im Parlament
Фотографија: picture-alliance/abaca/N. Batev

„Јас не сум ја отворил вратата на парламентот. Точно е дека бев во ходникот: Дали е тоа забрането? Јас имам право да се движам слободно насекаде низ Собранието. Ја видов снимката и не гледам од каде е изведен заклучок дека јас сум ја отворил вратата. Се е шпекулација. Истрагата ќе покаже кој го сторил тоа“.

Ова за Дојче веле на 23 мај годинава го изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, откако телевизиите „Телма“ и „Аласат-М“ ја објавија снимката која сведочи за внатрешното движење во парламентот неколку минути пред во него да влезат демонстрантите и првите минути потоа. Како што објавија телевизиите, на снимката се забележува дека двајца пратеници, идентификувани како Крсто Мукоски и Сашо Василевски, ги отстрануваат металните држачи кои ги блокираат вратите, по што демонстрантите масовно влегуваат во Собранието. Пратеникот Василевски одби да го објасни неговиот придонес во настаните од 27-ми април. Покрај Мукоски и Василевски, снимката открива дека во критичниот период пред вратите биле „активни“ и други пратеници на ВМРО-ДПМНЕ - Љубен Арнаудов, Илија Димовски, Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска.  

Кои пратеници помагаа во упадот во Собранието

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Арнаудов, кој на снимката се гледа како ги пречекува демонстрантите со кренати раце и ги насочува во која насока да се движат, одби да го коментира неговото однесување.

„Во парламентот има камери на секој агол. Нека има истрага, таа нека утврди дали некој има вина. Сѐ што правам е за Македонија. Не бегам никаде. Ако има истрага, ќе кажам што треба“, рече Арнаудов. 

На забелешката дека снимката е многу јасна, рече дека не е се така како што изгледа, а тоа го илустрираше со анегдота.

„Човек молзел крава, а таа постојано го клоцала канчето со млеко, па морал да и ја врзе едната нога, а потоа и другата. Но, бидејќи била немирна, на крајот и ја врзал и опашката, за што се послужил со каишот од панталоните, па тие му паднале. Кога неговата сопруга го затекнала со паднати панталони, и рекол: мисли што ќе мислиш, но ништо не е така како што изгледа“, раскажува Арнаудов, за да ја аргументира тезата. 

Досега е потврдено дека двајца од посочените пратеници, Крсто Мукоски и Жаклина Стефановска биле приведени во утринската акција на полицијата. Уапсените се гонат за „терористичко загрозување на уставниот поредок“.