1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како се прават Златните и Сребрените мечки

Кристина Редер/ Жана Ацеска18 февруари 2013

Во Берлин заврши 63. Берлинале, поделени се и наградите на филмскиот фестивал со 400 филмови од цел свет, кои можеби го немаат имиџот на Оскар, но се сепак престижни. Како настануваат тие?

https://p.dw.com/p/17e3p
Фотографија: dapd

На Берлиналето се доделуваат Златни и Сребрени мечки.

А секоја мечка е уникат. Тоа почнува уште од калапот. Тој се подготвува цел ден, се нанесуваат нови слоеви и се згуснуваат. Само така јасно до израз доаѓа фината структура на крзното на мечката.

„Сето е само од песок и секој погрешен потег може до крај да ја уништи целата работа“, објаснува Манфред Кох од уметничката леарница „Ноак“.

Уште од првото Берлинале во 1951. година трофеите ги изработува леарницата „Ноак“. Шефот сениор го доживеа леењето на првите мечки. Моделот оттогаш е малку променет, но производната постапка е иста. За секоја мала мечка се потребни дваипол дена рачна работа.

Шефот Херман Ноак не гледа причина за промена:

„Зошто би се правело поинаку? Ние сме уметничка леарница и изработуваме уметнички предмет, кој мора да биде добар, да дојде до израз занаетот - а тоа може само рачно да се направи“.

Ваквиот пристап на леарницата и‘ донесе светски углед. Во „Ноак“ беа лиени скулптури на Хенри Мур, Георг Базелиц и Јонатан Мизе. Во леарницата навраќаат многу уметници, како Сузане Веланд, која како посебно важно го истакнува:

„Тоа што при заварувањето шевовите навистина се од истиот материјал, супер се. Зашто, ако тие не се во ред, кога скулптурата ќе се постави надвор, со киселините и временските услови, шевовите насекаде излегуваат на виделина, а ако имате ваква мазна форма и насекаде заварувања, тогаш тоа изгледа страшно. Луѓето овде извонредно го прават тоа“.

„Ноак“ има 35 вработени и се потпира на традиционалното леење во бронза. Материјалот е многу отпорен и со доработка се можни колку сакаш варијации. Тоа нуди безбројни можности.

„Имаше и такви ситуации, кога уметниците почнаа да прават се‘ од пластика, но тоа беше надживеано, зашто материјалот немаше трајност, се оштетуваше, па се вратија повторно на стабилни материјали како бронза и алуминиум“, се сеќава Херман Ноак.

На ваков начин беа направени и мечките за годинешното Берлинале. Сребрена или златна позлата им се става на крајот, а имињата на добитниците се гравираат на само неколку часа пред доделувањето.