1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Турција ѝ „зари нож во грбот“ на Русија

Роман Гончаренко
26 ноември 2016

Анкара пред една година на сириската граница собори руски борбен авион. Спорот траеше долго.

https://p.dw.com/p/2TBcH
Türkei Syrien Kampfjet Russland Abschuss Grenzgebiet
Фотографија: picture-alliance/dpa/Haberturk Tv Channel

Со посетата на Владимир Жириновски деновиве во Турција, Русија и Турција очигледно сакаат да стават точка на приказната за рускиот авион кој турските сили го соборија минатата година. Лидерот на руските либерални демократи, за време на состанокот со градоначалникот на Анкара, го пофали приближувањето на двете земји и вети дека наскоро „сите турски плажи ќе бидат полни со руски туристи“.

Но, пред само една година тој ист Жириновски Турција ја означуваше како „непријател број 1“ и се закануваше оти ќе фрли нуклеарна бомба на Истанбул. „Турција секогаш ја мразела Русија“, вревеше тогаш тој на една телевиска емисија. Причина за тоа беше споменатото соборување на рускиот борбен авион, на 24. ноември на границата со Сирија, од страна на турската противвоздушна одбрана. Тогаш загина еден од двајцата пилоти.

„Соучесници на терористите“

Претседателот на Русија Владимир Путин на тоа реагираше уште првиот ден во Сочи, каде го прими јорданскиот крал. Тој рече дека соборувањето на авионот било како „нож во грбот од страна на терористичките соучесници“. „Дали тие сакаат НАТО да го стават во служба на Исламска држава“, прашуваше шефот на Кремљ, алудирајќи на турското членство во Западната воена алијанса. Путин реагираше така како да не очекуваше ваков развој на случувањата, без разлика што Анкара повеќе пати протестираше поради повреда на својот воздушен простор. Путин најавуваше оти овој инцидент ќе остави „сериозни последици“ на руско-турските односи. Русија, меѓу останатото, го укина безвизниот режим со Турција, го ограничи увозот на овошје од земјата, ги отежна условите за турските претприемачи во Русија, забрани чартер-летови и го блокираше заминувањето на милиони руски туристи во Турција. На крајот и најважниот заеднички проект беше замрзнат - изградбата на гасоводот „Турски тек“ и нуклеарната електрана „Акују“.

Türkei Weltenergiekongress 2016 in Istanbul - Putin und Erdogan
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Pala

Кусо време потоа Путин излезе со уште едно обвинување против Анкара: „Нафтата од земјите кои ја произведуваат, а кои се под контрола на ИД и други терористички организации, во огромни количества се извезуваат за Турција“, рече тој на 30. ноември во Париз, на маргините на Конференцијата за климата на ОН. Шефот на Кремљ изрази сомневање дека Москва била фактор кој пречи во таа испорака на нафта, и дека тоа е причината за турскиот напад врз рускиот авион.

Турско-руско студено доба среде зима

На 3. декември Путин зборуваше пред двата дома во рускиот парламент. „Ова соучесништво со терористите никогаш нема да го заборавиме“, рече и нагласи оти „турскиот народ е вреден и талентиран“, и дека „нема да биде поистоветен со делот од моменталната владеачка елита“. Обраќањето на Путин од многу аналитичари е оценето како да е „очигледно дека Алах лично решил да ја казни владеачката клика во Турција, за да ја вразуми“.

Во средината на декември на една конференција за новинари рече дека „со сегашното турско раководство тешко или практично никако не може да се дојде до зедништво“. Зимата помина, а немаше развој во билатералните односи. Но, пролетва можеше да се препознае желба и од руска и од турска страна дека односите можат повторно да се поправат. „И ние исто така сакаме повторно да ги воспоставиме старите врски“, рече Путин на крајот на април и нагласи оти Турција прво мора да се извини.

„Одмрзнување“ по писмото на Ердоган

На 27. јуни Москва соопшти дека Путин добил писмо од Ердоган во кое турскиот претседател се извинува за соборувањето на авионот и за смртта на пилотот. Оттогаш започна периодот на одмрзнување. Веќе по 2 дена Путин му телефонираше на Ердоган. Рускиот претседател ѝ наложи на владата да „почне со нормализирање на трговските и економските врски со Турција“. Кога на 16. јули е извршен обидот за државен удар, Путин веќе наредниот ден му се јави на Ердоган и му вети поддршка.

Türkei russische Touristen im Kremlin Palace Hotel in Antalya
Фотографија: picture alliance/Arco Images

Првата лична средба на двајцата претседатели се случи во родниот град на Путин, Санкт Петербург, на 9. август. „Би сакал да кажам дека времето на многу лоши билатерални односи е зад нас. Исто така со задоволство сакаме, а чувствуваме дека тоа го сакаат и нашите турски пријатели, во интерес на граѓаните на Турција и Русија да ги надминеме несогласувањата“, рече Путин.

Од „Турски тек“ до противвоздушно оружје

Потоа руските туристи летово се вратија во Турција. Во Истанбул е потпишан договор за гасоводот „Турски тек“. Со една гранка „Гаспром“ ќе ги обезбедува турските потрошувачи, а со друга потрошувачите во Европа, Понатаму, во 2018. година би требало да се започне и со изградба на нуклеарната централа „Акују“. Медиумите пишуваат и за тоа дека претставниците на рускиот генералштаб ја посетиле Турција, а турски воени официјални лица престојувале во Москва. Освен тоа, Русија на НАТО членката Турција ѝ понуди соработка во областа на вооружување - посебно кога станува збор за противвоздушни системи.

А на неговите обвинувања против турското раководство, соучесништво со терористите, Путин веќе не потсетува, барем не јавно.